Владата одлучи: Сертификат за вакцинација, потврда за прележан Ковид или негативен ПЦР тест и за излез од земјава

91

Домашните и странските државјани од утре и за излез од земјава ќе мора да приложат сертификат за извршена вакцинација односно примени две дози на вакцина, потврда за прележан Ковид во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето, негативен ПЦР тест не постар од 72 часа или негативен брз тест за антигени тела не постар од 48 часа, одлучи вечерва Владата.

– Владата ја дополни и одлуката за задолжителен домашен карантин во траење од 7 дена доколку при влез во државата немаат негативен ПЦР тест, или потврди за примена вакцина или за прележан КОВИД-19, при што времетраењето на карантинот може да се скрати на 5 дена доколку во тој период биде приложен негативен ПЦР тест, велат од Владата.

Ова ќе важи и за домашни и за странски државјани, а трошоците за изолација на странските државјани ќе биде на нивни трошок.

Исклучок од оваа мерка се домашните возачи на товарни возила, како и странските возачи на товарни возила кои транзитираат низ земјата.

На денешната седница е усвоен и исклучок од мерката за транзит за авионските екипажи кои слетуваат на меѓународните аеродроми во земјата, според кој наместо пет часа, им се дозволува подолг транзит престој заради природата на нивната работа.