Владата да пресече кој е во право за Рудниците

25

Претставниците на рудниците и на невладините организации и здруженија кои се против отворање нови рудници во земјава мора да седнат заедно и да ги спротистават аргументите што ги имаат, порача Николајчо Николов, претседателот на Македонската асоцијација на рударството (МАР) при Стопанската комора на Македонија на денешната седница на која се расправаше за актуелните состојби во рударството.

Тој посочи дека на седницата биле поканети и невладините организации од југоисточна Македонија за, како што рече, заеднички да ги разгледаат проблемите кои тие ги гледаат во рударскиот сектор, но ниту еден не се појавил.

– Сакавме да размениме мислења и да се договориме за понатамошна стратегија, но на жалост не се појави ниту еден претставник од невладините организации. Жалам, зашто сите проблеми се решаваат на маса, а не на улица. Сметаме дека рудници треба да има и се залагаме да ги исполнуваат сите услови согласно македонските закони и европските директиви. Ние максимално се вложуваме да ја подобриме животната средина и такви резултати постигнуваме, рече Николов.

Нагласи дека невладините организации биле поканети да го посетат и рудникот Бучим и за тоа им бил обебеден бесплатен превоз, но и таму не дошле.

– Од страна на невладините организации се употребуваат многу негативни поими за рудниците. Ние сме за дијалог и подготвени сме да седнеме со нив и да разговараме со аргументи.  Ќе побараме помош од Владата да направат состанок со МАР и невладините организации за да видиме дали е точно тоа што го зборуваат невладините или  ние или, пак, вистината е на средината, посочи Николов и нагласи дека не може невладините организации да делуваат  одделно и на улица, а да не се сретнат со претставниците на рудниците на организирани состаноци.

Ставот на невладините организации дека генерално се против рудници, како што кажа, праќа негативни сигнали кон инвеститорите, а тоа ќе се почувствува во наредниот период.

Потпретседателот на МАР Шефки Алити порача дека рудниците само ќе помогнат да се развие земјоделството и економијата во југоисточна Македонија.

– Во Македонија за минирање се користи шведската метода „Нонел“ која не предизвикува никаква штета за околината и може да се користи и доколку куќите се на 200 метра од експлозијата. На луѓето треба да им се докаже дека не предизвикува никаква штета и оти рудниците се добивка за регионот и за целата економија на земјава, рече Алити.

Даниела Бомбол од фирмата за геолошки истражувања „Резервоар минералс Македонија“ рече дека е жалосно што цела една гранка се обвинува за нарушувањето на здравјето на луѓето и деградација на животната средина.

– Жалосно е што геолошките истражувања се ставени во ист кош со рудниците. Во геолошките истражувања не се користат никакви хемикалии со кои би се нарушило здравјето на луѓето и воопшто не се прави деградација на животната средина, рече Бомбол.

Горан Серафимов, претседателот на Здружението на рударски и геолошки инженери посочи дека сите невладини организации кои се против отворање рудници досега не донеле ниту еден факт и доказ или пишан документ дека загадуваат или прават било какво влијание надвор од законските прописи во земава сите моментално активни рудници и оние кои се во изградба или допрва ќе се градат.

– Истите закони кои важат во Европската унија, важат и кај нас. Истите рудници што фукцинираат во Македонија работат и во ЕУ и го користат принципот на хидрометалургија, рече Серафимв и додаде дека во Европа се копа повеќе од 10 отсто од бакарната руда во светот и се производува 18 проценти од бакраниот концентрат.

Претставникот на Сардич МЦ Генадиј Сичов повтори дека заштита на животната средина е главен приоритет на нивната компанија и додаде дека со целосна одговорност тврди оти рудникот Казандол нема да доведе до никакви негативни влијанија и последици по животната средина, а тоа, како што кажа, го потврдуваат и сите добиени дозволиод институциите во земјава. Посочи дека веќе инвестирале 35 милиони евра во земјава за имплементација на најдобрите и најсовремени производни технологи и практики создадени во финската компанија „Оутотек“, која доаѓа од земјата со најстроги норми за заштита на животната средина во светот.