Владата го одврзува ќесето: Субвенции за инвертор-клими за најзагадените делови во Скопје, Тетово, Битола и Кичево

67

Во четирите градови каде што загадувањето е енормно, државата им дава можност на граѓаните бесплатно да си ги заменат печките со огревно дрво со инвертор клими како поевтина варијанта за затоплување, но и за намалување на загадувањето. Според заменик-министерот Јани Макрадули, висината на средствата за купување на климите ќе ја донесат институциите во рамки на компанијата ЕЛЕМ, а тоа ќе се случи релативно брзо и тој очекува да има голем интерес од граѓаните

 

На домаќинствата во населбите во Скопје, Битола, Тетово и Кичево, кои се затоплуваат на печки на дрва, државата им дава можност да го заменат начинот на греење со високо ефикасни инвертор клими. Парите за купување на климите во целост ќе им бидат дадени на домаќинствата во вид на ваучер.

Како што појасни заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули, со оваа мерка најпрво ќе бидат опфатени граѓаните во зоните каде што загадувањето е енормно, но и ранливите семејства.

– Во овој момент, најцелисходна варијанта на имплементација е да се донесе законско решение во вид на ваучери во кој што граѓанинот би ја добил сумата за да може на нивен избор, во зоната каде што е општината, согласно мерките и мерењата каде што е највисоката емисија, таму да се интервенира и со замена – рече Макрадули.

Според него, висината на средствата за купување на климите ќе ја донесат институциите во рамки на компанијата ЕЛЕМ, а тоа ќе се случи релативно брзо. Тој очекува да има голем интерес од граѓаните бидејќи греењето со инвертор клими е еден од најеколошките начини на греење и согласно сегашните цени и далеку најекономичен.

– Вкупно годишните трошоци за греење, да речеме на површина од 60 квадратни метри со инвертер клима чини 11.734 денари, доколку користите дрва тоа би чинело 18.586, или ако користите нафта за домаќинство дури 43.038 денари –  рече Макрадули и напомена дека покрај загревањето во зимскиот период, инверор климите во летните месеци како дополнителна вредност ќе ги ладат просториите каде што се инсталирани.

Министерот потенцира дека општините ќе бидат носители на мониторингот дали оваа мерка се спроведува од страна на граѓаните, бидејќи оние кои нема да ги почитуваат правилата и ќе продолжат да се греат со огревно дрво, ќе бидат санкционирани.

– Граѓанинот ќе склучи договор со кој се обврзува дека нема да ја користи печката за огрвено дрво. Доколку се установи дека користи огревно дрво, ќе следат санкции. Се разбира, најзаинтересирани ќе се граѓаните да ја извршат замената бидејќи ќе им е поевтино и нема да ги загадуваат нивните блиски во семејството –  истакна Макрадули.

Тој потсети дека Владата донесе одлука за одобрување средства од Буџетот во износ од 5.000.000 денари, за спроведување на мерки за намалување на аерозагадувањето и намалување на високите концентрации на ПМ10 и ПМ2.5 во Општина Струмица. Овие средства ќе бидат наменети и за приклучување на Јавната здравствена установа Општа Болница Струмица на градскиот гасовод. Со оваа интервенција ќе се намали аерозагадувањето во градот, бидејќи болницата сега се загрева со нафта, со што ќе бидат остварени дополнителни заштеди откако нафтата ќе биде заменета со поевтино и еколошко гориво.

– Со тоа се дозаокружи имплементацијата на првиот План за чист воздух во вредност од 2 милиони евра. Во рамките на овој план се реализирани неколку владини одлуки, како што се замена на опрема на нееколошки системи за греење во градинки, средни и основни училишта, како и здравствени објекти. Се прифатија апликациите на сите 19 општини што аплицираа, без разлика дали во општината има мерна станица или не. Во рамки на општините дополнително ќе се распределат средства и за 16 општини каде ќе бидат поддржани објекти за енергетска ефикасност, во 8 општини вклучително и во градот Скопје се определени нови површини за урбани зеленила, обезбедени се средства за прочистувачи во 34 училишта и обезбедени се триесетина филтри за компаниите, мали по обем во полошкиот регион. Ова се само дел од активностите кои како Влада ги реализираме за чист воздух. Дополнително и секоја институција влегува во замена на нееколошките средства за затоплување. На пример, почната е процедурата во МВР во измена на затоплувањето во две полициски станици – Струмица ќе се замени од нафта на гас и во Струмица ќе се грее со термални води – нагласи Макрадули.

Тој напомена дела Планот за почист воздух дава резултати.

– Оваа грејна сезона ќе ја пречекаме со 70-ина објекти кои лани загадувале, а оваа зима нема. Тоа се објекти како студентскиот дом Кузман, болницата во Струмица, и покрај тоа што загадувале, вредноста на средствата што ги трошеле се некаде околу 8 милиони денари. Градинката во општина Центар за нафта троши 18.000 евра, а сега ќе плаќаат по две-три илјади евра по грејна сезона – рече Макрадули.  

Најави дека по иницијатива на невладината „Еко герила“, во триесет приватни компании државата ќе интервенира со поставување на модерни филтри на нивните оџаци, бидејќи отпадот што им останува во процесот на производство го користат за затоплување. Идната година државата ќе интервенира на тетовската гимназија со изградба на нов зелен покрив и поставување на сончеви колектори.

Околу 1.600 домаќинства во Скопје аплицирале за субвенции за набавка на инвертери

Град Скопје информира дека се исцрпени средствата предвидени за субвенции за набавка на инвертери за 2019 година, односно дека се пристигнати вкупно околу 1.600 барања. Со тоа повеќе нема да се примаат барања.

Со јавниот повик Градот Скопје на граѓаните што имаат купено инвертер од 1 јануари 2019 година до денот на завршувањето на повикот ќе им исплати субвенции  во износ од 50 проценти од вредноста на уредот, но не повеќе од 15.000 денари со вклучен персонален данок на доход.

Овој повик се реализира по принципот „прв дојден, прв услужен“.

(С.Бл.)