Вкусете ги тартуфите – чудесните печурки – Во сабота, на 3. јуни  во Скопје во „Паркот на Франкофонијата“

654

Покрај печурките ќе бидат презентирани сите можни вкусови, сè што е слатко, солено, луто: гастрономски деликатеси во тегли, а тоа се и: пинџур, џем, слатко, разновидни намази, со вкусовите што ќе ве враќаат во детството во кујната на бабата! Фестивалот го организира „Слоу фуд Водно“ со поддршка на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство

 И оваа пролет, кога почнуваат да цутат и мирисаат липите низ скопските улици, на 3 јуни (сабота) ќе се одржи 3. „Фестивал на биодиверзитет 2023“. Тоа за оние кои не се во тек значи дека овој фестивал всушност е коктел на најразновидни вкусови. Местото на настанот е „Паркот на Франкофонијата“ од 12 до 20 часот.Фестивалот го организира „Слоу фуд Водно“ со поддршка на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство

Да нагласиме дека Слоу фуд – Македонија во своите редови ги има најдобрите производители кои ја бранат агендата поврзана со автентичната храна: ќе има околу 40 изложувачи од цела Македонија, од кои 21 се само од Скопје. Овој пазар за храна на локалните производители вклучува и презентации, како и алкохолни, вински и пивски дегустации и секако, она најубавото: дружењето преку цел ден во најубавиот дел на скопското Дебар Маало.

На настанот ќе бидат презентирани сите можни вкусови, сè што е благо, солено, луто: гастрономски деликатеси во тегли, а тоа се и: пинџур, џем, слатко, разновидни намази, се што е природно, со вкусови што ќе ве враќаат во детството во кујната на бабата. Ќе бидат на дофат на вкусен залог и традиционалните козји, кравји и секакви други сирења. Особен предизвик за посетителите ќе бидат и сувомесни производи сушени на дрва…

Ако сè уште не сте го запознале вкусот на тартуфите, ова е идеална можност да се вљубите во некој од производите на оваа чудесна печурка. Како и да  вкусите органско масло од лешник, природни сокови, масла, домашни ракии, занаетчиски пива, вина од мали семејни винарници… Звучи примамливо, но сите овие производи не се само поезија и пејзаж, туку економија, грижа за почвата, планинските и маргиналните области, обнова на напуштените земјишта.                                               –

Освен дегустација на производите кои ќе можат и да се купат, во програмата на фестивалот ќе има претставување на крафт-пиварници. Со најдобрите коктел мајстори кои ќе приготвуваат коктели од пијалаци на локалните производители, додека најмладите ќе имаат катче со работилница од програмата на проектот „Училишни градини на слоу фуд“. Дојдете, сите да уживаме во овој необичен скопски и македонски настан, влезот е слободен.     Д.М.