Ви истече времето, ќе немаме милост

114

Тензиите во Милан дојдоа до точка на вриење. Славниот италијански клуб, кој тоне во изминатите седум-осум години, го допре дното во актуелната сезона. Седумкратниот европски клупски шампион доживеа четири порази во првите седум кола од новата сезона и на 13. позиција на табелата.

После само три месеци, Марко Џампаоло доби отказ, а тренерското столче ќе биде пополнето од Стефано Пиоли. Станува збор за тренер кој има повеќе порази отколку победи во Серија А. Исто така, Пиоли во 2016 година изјави дека цел живот е „интериста“, што е дополнителна сол на раната која ја имаат најверните фанови на Милан кои експресно го лансираа хаштагот „PioliOut“ на Твитер и кој веднаш стана глобален тренд на сите социјални мрежи.

Најрадикалните фанови кои се познати како „Curva Sud Milano“ го напуштија „Сан Сиро“ во 75 минута од првенствениот дуел против Фиорентина (1:3), со серија навреди кои беа наменети за фудбалери и раководните лица. На следниот првенствен натпревар против Џенова, навивачите на Милан користеа само еден транспарент на кој пишуваше „Истече времето – време е да се докажете“.

  • Станува збор за транспарентот кој беше виден на првенствениот дуел против Џенова. Навивачите на Милан се исцрпени од фактот дека управата од нив прави будали. Секогаш кога ќе помислиме дека сме го допреле дното, ситуацијата станува уште полоша. Дадовме поддршка за проектот со млади фудбалери и го прифативме фактот дека, барем во блиска иднина, нема да видиме топ-играч во нашиот тим. Сведоци сме на неуспешната работа на Џампаоло, кој беше прв избор за клупските челници, а истите го отпуштија, со право, после три месеци. Го видовме преодниот рок, нејасните цели и пропаднатите трансфери. Дојдоа играчи кои не беа спомнати како дел од проектот. Време е да покажете дека го заслужувате Милан, на зелениот терен, на клупата и пред сè во канцеларијата. Од изборот во врвот зависат резултатите. Ние сме уморни од возење и никогаш нема да прифатиме ваков срамотен спектакл. Илјадници промени на тренерското столче, а само болни резултати. Управата се менува, а секој проект е пропаднат. Трпението е при крај, Милан заслужува почит. Ќе немаме повеќе милост за играчите и за управата. Годината ќе помине и вас ќе ве нема. Ние секогаш ќе бидеме тука, ќе се бориме за овој дрес, стои во официјалното соопштение на „Curva Sud Milano“.