Висока цена за „зголеменото мнозинство“

Големо раздвижување во СДСМ пред гласањето на членството во недела, иако сè поизвесно е дека заменик на Заев ќе биде актуелниот заменик-министер за финансии Димитар Ковачевски. Големо бранување и во Владата по договорот за влез на Алтернатива. На средбата со премиерот Заев, лидерите на помалите коалициски партнери реагирале дека партијата на Гаши добила несразмерно многу и дека ова личело на уцена, а неофицијално ја одбиле понудата на премиерот Заев за министри без ресори како компензација за сè она што го доби Алтернатива. За ВМРО-ДПМНЕ ова е „пластелин“ коалиција, а за Алијанса за Албанците, како што рече Арбен Таравари „пазарџиска“ коалиција. „Можно е Заев и СДСМ ова "зголемено мнозинство" со Алтернатива да го чини многу поскапо од она со осумте  пратеници на ВМРО“, изјави за весникот ВЕЧЕР поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини.

1165

Три дена остануваат до изборот на нов претседател во СДСМ, кој веројатно ќе биде и мандатар на новата проширена влада. Според извори во партијата, се чувствува големо раздвижување пред гласањето на членството во недела. Сè поизвесно е дека во столчето на Заев ќе седне актуелниот заменик-министер за финансии Димитар Ковачевски, кој е еден од тројцата кандидати кои доставија кандидатури за претстојниот лидерски избор. Ковачевски на ливчето е под број 1, Фросина Ременски е два, а под број три стои името на Јован Деспотовски.

Големо бранување и во Владата откако во понеделникот Заев и претседателот на Алтернатива, Африм Гаши потпишаа договор за влез на алтернативците во владата. Се возбудија духовите, коалициските партнери на Заев реагираа и побараа информации околу договореното. За ВМРО-ДПМНЕ ова е „пластелин“ коалиција, а за Алијанса за Албанците, како што рече Арбен Таравари „пазарџиска“ коалиција.

Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини смета дека цената за оваа коалиција за најголемата владејачка партија може да биде превисока.

„Можно е Заев и СДСМ ова “зголемено мнозинство” со Алтернатива да го чини многу поскапо од она со осумте  пратеници на ВМРО“, изјави за весникот ВЕЧЕР Хајредини.

На средбата со премиерот Заев, лидерите на помалите коалициски партнери биле запознаени со деталите од договорот со „Алтернатива”, како и со содржината на документот насловен „Основни начела за надградба на програмата за работа на Владата на Република Северна Македонија”, што треба да се допрецизира и појасни со цел да стане составен дел од новата владина програма.

Помалите коалициски партнери, според непотврдени информации, првично ја одбиле понудата на премиерот Зоран Заев за министри без ресори како компензација за сè она што го доби Алтернатива во новата влада. Тие јавно пред Заев проговориле дека партијата на Гаши добила несразмерно многу и дека ова личело на уцена. Но, најголемите забелешки Заев ги добил за прифатените програмски цели од Алтернатива во Владата. Речиси сите застанале против решението за ревизија на судските предмети.

Дел од партиите имале и конкретни забелешки за барањето за нов закон за рамномерен регионален развој, како и околу договореното со Алтернатива во делот на законот за семејство и социјална заштита.

Горан Милевски од ЛДП и актуелен министер за локална самоуправа имал и забелешки за тоа што не бил консултиран како министер за локална самоуправа за развојот на липковскиот крај, а и покрај тоа што имале забелешки за работата на Филипче во справувањето со пандемијата сметаат дека не е време за измени во Министерството за здравство.

По средбата во Владата, претседателот на НСДП Тито Петковски изјави дека Алтернатива го искористила моментот да истапи со, како што рече, „максималистички” барања. Вели дека не станува збор за зачувување на државните интереси, туку преферирање на партиските интереси да се добие политички профит и функции, наместо на прво место да се евроинтеграциите. Додаде дека местата што ги бара Алтернатива досега биле покриени од други политички партии.

Претседателот на Демократскиот сојуз Павле Трајанов смета дека треба да се видат програмските определби на владата, а консултациите за да се донесе некаков заеднички став, според неговите очекувања, ќе траат уште најмалку еден месец.

„Демократскиот сојуз нема намера да уценува и да притиска. Сега владата на СДСМ ќе биде малку покомотна, ќе има 64 пратеници во мнозинството, така што некои од коалициските партнери кои не се задоволни можат слободно да ја напуштат коалицијата“, рече Трајанов.

За разговорите на премиерот во оставка Зоран Заев со Африм Гаши за влез на Алтернатива во владата, ДУИ била целосно информирана. Во врска со влегувањето на Алтернатива во владата и прераспределбата на министерствата, првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби нагласи дека кога има нови коалициски партнери „сите отстапуваат места кои ги имаат дотогаш”.

„Ние всушност во владата отстапивме од МИОА, но го добивме ресорот земјоделие, кој е многу голем и каде што имаме многу, многу значајни проекти, кои ги имаме зацртано во нашата програма и за кои ни е многу значајно да ги имплементираме“, посочи Груби и најави дека деновиве ќе се разговара за соработката со Алтернатива на локално ниво и изрази надеж дека таква соработка ќе има.

Опозициската Алијанса за Албанците е „изненадена” од одлуката на нивниот досегашен коалициски партнер Алтернатива да се приклучи кон владата. Пратеникот од оваа партија Елми Азири во Собранието кажа дека се изненадени од тоа како може една политичка партија со толкава леснотија да поништи еден договор и утредента да потпише друг договор. Партиските органи, како што рече, допрва ќе утврдат стратегија како на локално ниво ќе соработуваат со Алтернатива.

Од Алтернатива возвратија дека само Таравари од АА виде добро од коалицирањето со ВМРО-ДПМНЕ, а сите други изгубиле.

„ВМРО-ДПМНЕ не се спремни да водат сериозни процеси напред, мислам за ЕУ. На добар пат се тоа да го направат, но сè уште треба јасно да се изјаснат за некои работи, како Преспанскиот договор, итн.. Ние изгубивме многу со таа коалиција. Граѓаните нè казнија и добивме 30.000 гласови помалку. Ниту направивме анкета пред избори за да видиме што мислат граѓаните. На крај, испадна дека само Таравари виде добро од ВМРО затоа што стана градоначалник на Гостивар со помош на ВМРО“, изјави пратеникот на Алтернатива, Скендер Реџепи – Зејд.

Со договорот за влез на Алтернатива во владата партијата доби три министерски места, а како нов министер за здравство веќе се најавува генералниот секретар Беким Сали, кој инаку е стоматолог, а професорот по информатика Адмирим Алити, нов министер за информатичко општество и администрација додека фаворитот за министер без ресор задолжен за дијаспората засега е непознат. Партијата добива и три заменик-министри во МОН, во Министерството за култура, како и заменик-министер за земјоделство. Алтернатива добива и раководни функции во повеќе институции на централно и на подрачно ниво.

(И.С.)