Винарница од Росоман ги револтира лозарите со понудените откупни цени за грозјето

Објавените откупни цени за годинашното грозје на една винарница од Росоман предизвика разочарување и револт кај лозарите и кај градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев. Лозарите се револтирани од ваквите понижувачки откупни цени и велат дека не се исплати да го берат грозјето. Голем дел од лозаропроизводителите кој цело лето работат на лозјето и кој имаат ангажирано работници прашуваат како со вака ниски откупни цени да ги платат берачите, да ги покријат трошоците, да ги прехранат семејствата...

318

Војната помеѓу лозарите и винарниците ќе продолжи и годинава, судејќи по откупните цени на грозјето кој пред два дена ги објави една винарница од Росоман. Лозарите се разочарани и револтирани од ваквите понижувачки откупни цени кој изнесуваат 4 денари за Смедеревка и 7 денари за Вранец и велат дека не се исплати да го берат грозјето за толку ниски откупни цени. Голем дел од лозаропроизводителите, кои цело лето работат на лозјето и кој имаат ангажирано работници, прашуваат како со вакви цени да ги платат берачите, да ги покријат трошоците, да ги прехранат семејствата…
-Со ниските откупни цени винарниците секоја година нè понижуваат, но ова годинава е врв. Сите винарници добија помош од државата за да се справат со последиците од ковид-19, а лозарите не добија ниту денар. И пак тие се незадоволни и сакаат да заработат и на нашата мака. Со вака ниските откупни цени веќе никој нема да сака да го работи лозјето и ќе го уништат цело лозарство. Жално е ова што ни го прават, велат лозарите.
Револтот е уште поголем кај оние кој имаат ангажирано работници кој треба да ги платат. Велат дека со вака ниски откупни цени нема да можат да ги платат ни работниците и да ги покријат трошоците, а за заработка воопшто и не станува збор.
Години наназад лозарите апелираат до државата да го запре ваквото однесување на винарниците кои им го откупуваат грозјето за џабе, а од него прават скапи вина кои ги продаваат на европскиот пазар по многу високи цени.
Претседателката на Националната федерација на фармери, Васка Мојсовска, за весникот ВЕЧЕР вели дека откупната цена на грозјето 20 години е иста и наместо и наместо да се зголеми, тие уште повеќе ни ја намалуваат.
-Покрај ниските откупни цени дополнителен проблем последниве години ни прават и климатските промени, лани сушата, годинава дождот. Родот на грозјето е преполовен и логично е кога има помала понуда и цените да бидат повисоки. Од друга страна, пак, откупната цена на грозјето 20 години е иста и наместо да се зголеми, тие уште повеќе ни ја намалуваат, вели Мојсовска.
Своето разочарување и револт од објавените откупни цени на грозјето на една од винарниците на „Фејсбук“ го искажа и градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев.
-Винарницата „Мовино“ излезе со неприфатливи и непристојни цени за откуп. Со овие цени се потценува целиот труд на лозаропроизводителите, нивното макотрпно работење и нивниот производ. Апелирам до сите останати винарници овие цени во никој случај да не им бидат пример за нивните ценовници. За мене како градоначалник, а воедно и како лозаропроизводител цени пониски од минатогодишните не се прифатливи. Ќе побарам и итен состанок со Министерството за земјоделство и претставници на лозаропроизводителите за заеднички да најдеме решение за оваа ситуација и да се дефинираат нови цени кои ќе бидат прифатливи за лозарите. Економската ситуација е лоша во целиот свет не само кај нас, но тоа во никој случај не треба да се одрази на лозарите, објави на својот фејсбук-профил градоначалникот Јанчев.

(А.С.)