Иако е само една вечер во годината,сепак ќе го почувстуваме стилот на Виена – со музиката на Штраус од убавиот син Дунав, до захер торта, шампањско, но и вкусната виенска шницла…Весникот ВЕЧЕР е исто така традиционално еден од медиумските помагатели!

И оваа година наредниот месец, поточно на 14 март, Скопје ќе биде домаќин на традиционалниот “Виенски бал“ во хотелот “Александар Палас“, а весникот Вечер исто така традиционално е еден од медиумските помагатели. Тоа ќе биде 21. издание, а водителка е поранешната Мис на Македонија, Вера Мештеровиќ. Таа и минатата година беше водителка, кога изгледаше гламурозно во црвен фустан во креацијата на дизајнерот Златко Јовановски. Политичарите во принцип не се канат, со исклучок на минатата година поради јубилејот, кога беше поканет тогашниот премиер Зоран Заев со сопругата Зорица. За “Виенскиот бал“ е исто така многу важно како ќе се облечете таа вечер. Токму затоа дамите треба да се во долги дамски фустани, а господата во вечерен темен костум со вратоврска или со пеперушка.

Скопското издание на “Виенскиот бал“ е ставено и на светската мапа на виенски балови. Во организација е на Здружението за културна соработка „Јохан Штраус“, додека покровител на оваа уметничка манифестација е Амбасадата на Република Австрија во Република Северна Македонија. Концептот и на ова издание ќе биде ист како и на изминатите 20: музика, танц, забава, убаво дружење, пријатна атмосфера. И оваа година ќе го почувствуваме автентичниот дух на Виена во Скопје, танцувајќи на Штраусовите танци. Ќе се танцува и на евергрини и на македонски хит-рефрени. Направен е интересен спој на австриската и македонската култура и стил на живеење. Балот ќе има и хуманитарната цел: дел од средствата од продадените билети ќе одат за СОС-Детско село.  Дуле М. /фото:архива на “Вечер“/