Бројот на патници заразени од коронавирус кои се наоѓаат на крузерот закотвен во Јапонија се зголеми на 61. Стотици патници се затворени во своите кабини, а тестирањето продолжува. Вчера Министерството за здравство на Јапонија потврди дека на бродот има и тројца македонски државјани.
„Последните тестови направени кај 273 лица кои покажувале симптоми или биле во близок контакт со лица кои имале симптоми на вирусот покажуваат дека 61 лице е заразено“, соопшти јапонското Министерство за здравство.
Доколку се појават симптоми и кај други лица, ќе се направат нови тестови.
Пациентите ќе бидат префрлени во болниците во Токио и во соседните градови.
Крузерот „Дајмонд Принцес“ со околу 3.700 патници е закотвен во јапонското пристаниште Јокохома и е во двонеделен карантин откако е откриено дека има заразени патници со коронавирус, соопштија здравствените власти во Јапонија.
Бродот сега е како „пловечки затвор“, рече еден патник на социјалните мрежи, каде што се појавија морбидни слики од празните сали, кои до пред кратко време биле преполни.
Од илјадниците патници на бродот, 273 покажале симптоми на болест, како што се кашлица и треска, или дошле во контакт со луѓе со симптоми. Сите тие патници сега се тестирани, соопшти Министерството, истакнувајќи дека 41 нов пациент ќе бидат пренесени во медицинските установи во префектурите Токио, Саитама, Чиба и Шизуока, како и Канагава.
Останува нејасно дали може да се појават дополнителни случаи на бродот, бидејќи за новиот коронавирус се знае дека се шири и од човек на човек, дури и меѓу оние што сè уште не покажуваат симптоми, со долг период на инкубација. Некои патници веќе изразија страв дека на крај може да завршат заглавени на бродот подолго од 14 дена ако се појават нови инфекции.
Откако бројот на заразените на бродот вчера тројно се зголеми, додека здравствените тестови продолжуваат, Јапонија сега има најмалку 86 случаи на смртоносниот коронавирус на национално ниво, кој се појави во кинескиот град Вухан во декември. Болеста оттогаш се рашири во 25 други земји, заразувајќи над 30.000, и однесе вкупно 635 животи, повеќето од нив во Кина.