“ВЕЧЕР“ НА МОДНОТО ШОУ НА МОНИКА : “Насликани дами“ имаат впечатлив и уникатен изглед

72

Младата талентирана и бескрајно креативна македонска уметница и модна дизајнерка Моника Блажевска пред македонската публика ја претстави својата најнова колекција пролет/лето насловена “Насликани дами“ (Painted ladies).

Бројните вљубеници во модата кои присуствуваа на модната ревија и изложба претставени завчеравечер во барот “Лофт“ во Скопје, можеа да уживаат во рачно насликаните креации од Моника, но и во нејзините уметнички слики во техника масло на платно.

Посебно внимание кај присутните предизвика првата кај нас колекција на костими за капење, исто така рачно сликани.

“Модната колекција со многу детали може да го направи вашиот изглед впечатлив и незаборавен. Разнобојните креации на Моника Блажевска се наменети за храбри и весели девојки“, беше кажано на отворањето на ревијата на која како медиумски покровител присуствуваше и весникот “Вечер“.

Она што можеме да додадеме е дека оној што ги носи овие креации секогаш ќе биде и забележан и уникатен.

Блажевска на модната сцена е присутна веќе трета година, прва почна со изработка на сликани маички за кои на почетокот инспирацијата и беа сликите на платно. Моника денес изработува, освен слики на платно, и цртани уникатни парчиња облека, наметки, фустани, чевли, чанти и марами.

Блажевска високото образование го заврши на Европскиот универзитет во Скопје, на Факултетот за арт и дизајн, насока графички дизајн во класата на проф. д-р Јана Манева-Чуповска, актуелната ректорка на оваа високообразовна институција.

Таа за “Вечер“ кажа дека за неа не постојат граници, продолжува да твори, па единствено што ни останува е да очекуваме да нè изненади со нови креации.