“Вечер“ ексклузивно во белградската “Арена“ на концертите на Здравко Чолиќ -„Ти си нам у крви“!

124

На концертите во Белград, на тие два (од вкупно пет) на кои бевме и ние од “Вечер“, со својот омилен пејач пееше заедно 18-илјадната публика како пред тоа да беше добро навежбан хор, а се пееја се сами безвременски хитови: Звао сам је Емили, Живиш у облацима, Продужи даље, Једна зима са Кристином, Шљиве су родиле, Тебе чувам за крај…

Се потврди тоа за што се зборуваше последните неколку месеци низ естрадните кругови од Вардар до Триглав. Тоа дека Здравко Чолиќ е единствениот пејач од поранешната Југославија кој може да ја наполни белградската “Арена“, која за еден концерт собира над 18 илјади луѓе. А тој не одржа само еден концерт, не се ни два, туку се буквално пет. И сите исполнети до последно место, со последен продаден билет. Сите се чудат со што тоа Здравко ја привлекува публика, како тоа дека и после скоро 50 години присуство на естрадата никогаш не ѝ здодеа. Има многу вакви прашања, но само еден е одговорот, а тој се наоѓа во самите песни на Чолиќ.

Која и да запееше, а на концертите во Белград, на тие два на кои бевме и ние од “Вечер“, со него пееше публиката(и многу фанови од Македонија), како пред тоа да беа добро навежбан хор, а се редеа се сами омилени хитови: Април у Београду, Звао сам је Емили, Живиш у облацима мала, Продужи даље, Права ствар, Једна зима са Кристином, Мало појачај радио, Шта ми радиш, Главо луда, Ти си ми у крви, Мала, Тебе чувам за крај, Шљиве су родиле…

Како посластица за публиката, покрај сè останатото, беше и музицирањето на Матија Дедиќ, кој е син на легендарните Арсен Дедиќ и Габи Новак. Тој со Здравко ја почести публиката со хитот “Загрли ме око врата, олуја се диже“, песна која за популарниот пејач пред многу години ја има напишано Арсен Дедиќ, а која е инаку омилена песна и на многу други пејачи кои ја пеат на своите настапи. Ова се концерти кои Белград и Србија ќе ги памтат, а доаѓаат токму во ова предновогодишно време, како убав новогодишен подарок за секој што знае да препознае и воедно да ужива со сите емоции во убавите песни, многу од нив и евергрини во забавната музика, како и во добрите интерпретации на Чолиќ. Во публиката видовме и многу колеги на Здравко кои дојдоа да слушаат свои омилени песни, но и да научат што им е потребно за и тие да останат толку години на врвот на оваа чудесна естрада.

Очигледно, Здравко ја знае формулата за долговечно траење, па затоа е јасно зошто има тогаш многу симболика во насловот на неговиот голем хит “Ти си ми у крви“ бидејќи токму тој ѝ е во крвта на публиката сите овие години.
Текст и фото: Дуле Миќиќ                                                                                        (Забрането е објавување на овие фотографии на други македонски портали)