На денешен ден во 1963 година од печат излезе првиот број на првиот вечерен информативен весник на НИП „Нова Македонија“ – ВЕЧЕР наменет за брзо, кусо и јасно информирање за сите случувања кај нас и во светот.

ВЕЧЕР денеска го слави 57. Роденден. Далечна 1963 година, група од триесетина ентузијасти храбро зачекорија во предизвикот создавајќи весник на генерации, хроничар на едно петдецениско време кое ќе остане трајно запаметено на овие страници.

Tриесетина ентузијасти кои таа 11-ноемвриска вечер , го издадоа првиот број  на 16 страници со 82 текста и 31 фотографија!

Основоположници на новиот весник беа Панче Михајлов, Јордан Ивановски, Милчо Коцев, Борис ПОП Ѓорчев, Мирко Миронски, Славко Маринковиќ и Цветан Станоевски. На 11 Ноември 1963 година излезе од печат првиот број на првиот вечерен катадневен информативен весник на НИП „Нова Македонија” – ВЕЧЕР наменет за брзо, кусо и јасно информирање за се она што се случува кај нас и во светот. Првиот број на ВЕЧЕР е отпечатен на 16 страници – половичен формат од стандардниот формат на Нова Македонија. Во првиот број на ВЕЧЕР се објавени вкупно 82 текстови и 31 фотографија. Првиот новинарски состав беше составен од 35-мина вработени.

Цели 57 години, ВЕЧЕР не отстапува од својата мисија. Изминативе децении се испечатени речиси половина милион страници на кои се испишани и отсликани сите важни случувања во Скопје, земјата и во светот.

Се разбира овој датум е исто толку важен и за стотиците новинари и соработници кои во изминатите 57 години со својот потенцијал го градеа имиџот на ВЕЧЕР. И многу квалитетни и познати фотографи беа зад објективот. Таа традиција не ја прекинуваме. Денеска ВЕЧЕР брои 35 вработени кои посветено работат на надградување на мисијата и визијата на основоположниците.

ВЕЧЕР  е приказна која  остава неизбришлива трага во историјата на македонскиот медиумски простор. Неполни шест  децении. ВЕЧЕР и денеска е меѓу најпрепознатливите македонски брендови и дневен весник со постигнати рекордни тиражи од над 100.000 продадени примероци. ВЕЧЕР останува весник на сите вас и на сите нас. Слободен и со сопствен идентитет. ВЕЧЕР тргна со идејата да биде градски и урбан весник, и таков ќе биде.

Следејќи го технолошкиот развој во медиумскиот простор, ВЕЧЕР има и свое онлајн издание. Сајтот на весникот ВЕЧЕР,  vecer.press  важи за еден од најпосетуваните со висока доверба кај читателите. Нѐ има и на Facebook и Instagram. Нѐ има, и ќе нѐ има во сечиј дом.

 

Ексклузивна изјава на нобеловецот Иво Андриќ за првиот број на ВЕЧЕР:

“Со среќа! Веста за земјотресот во Скопје ме стигна далеку од земјата и на малку чуден начин. Бев на север на Шведска, далеку над поларниот појас, во рударскиот центар во градот Курина. Попладнето ме повика на телефон тамошниот дописник на еден стохломски весник. Извинувајќи се, ми рече дека сака да разговара со мене за – Скопје. Бидејќи ништо не знаев за она што се случило, тој со големо внимание ми ги соопшти сите оние први и непотврдени вести. Бев толку поразен, и толку збунет што не знаев што да му кажам. Пред да успеам да се соземам, почнав да добивам нови телефонски покани од други новинари. Вестите беа страшни. Градот е срамнет со земја. Бројот на мртвите околу сто илјади. И слично. Настојував да им кажам што повеќе за Македонија и за нејзиниот главен град. Кога останав сам, веднаш помислив утре со првиот авион да се вратам во земјата. Тешка беше таа ноќ на далечниот Север, полна со неизвесност и мачни мисли. Во сеќавањето постојано си ги претставував Скопје, неговите улици и најубавите згради во нив. Пред очи ми излегуваа редум лицата на моите другари скопски писатели. Се прашував што се случило со нив. Се ми изгледаше како неподнослива загуба, како подмолен удар на судбината, која паѓа толку потешко, колку што човек е подалеку од својата земја. Вистински кошмар. Утредента добив телефонска врска со нашата амбасада во Стокхолм. Разговорот малку ме успокои. На враќање се задржав во Данска, во Копенхаген. Тука имав можност во нашата амбасада да се сретнам со дански писатели, новинари и уметници. Најмногу се зборуваше за Скопје. Настојувавме да им објасниме што значи за нас Македонија и нејзиниот главен град, какви се’ културни напори вложи тој народ во ослободителната војна итн итн. Морам да кажам дека сите луѓе, културни работници и новинари со кои доаѓав во допир во Шведска и Данска покажуваа големо сочуство со внимание и разбирање слушаа податоци за Скопје и неговите загуби и им даваа место во своите весници, на радиото итн. Сите сакаа да му помогнат на Скопје. И навистина помогнаа морално и материјално. Сето тоа дејствуваше како олеснение во тие неколку мачни денови на враќање во земјатa”.