Венеција и Будимпешта би можеле да бидат ставени на списокот на УНЕСКО за загрозено светско наследство, а комерцијалното пристаниште во Ливерпул може да се отстрани од списокот на светско наследство заради пребрзиот развој, објави организацијата на ООН за образование, наука и култура (УНЕСКО)

Препораките на советничките тела на УНЕСКО беа објавени пред состанокот на Комитетот за светско наследство, што ќе се одржи во Фужоу, Кина, од 16 до 31 јули и на кој ќе се одлучува за можно прифаќање на тие препораки.

Во Венеција влијанието на масовниот туризам е еден од критериумите поради кои УНЕСКО побара градот да се стави на списокот на загрозено светско наследство.

Кога станува збор за Будимпешта, погоден е брегот на Дунав и замокот Буда, дворскиот комплекс на унгарски кралеви. Станува збор за ненавремено рушење и изградба на особено високи згради кои ја менуваат природата на тие историски места.

Меѓу предлозите за вклучување во списокот на загрозени места на светското наследство е и големиот корален гребен во близина на Австралија поради неговото нарушување предизвикано од климатските промени.

Кога станува збор за комерцијалното пристаниште во Ливерпул, одлуката на УНЕСКО може да биде уште посилна, бидејќи станува збор за целосно отстранување на тој објект од списокот на светско наследство.

Големиот проект за развој на пристаништето во Либерпул, наречен Liverpool Waters, ќе има длабоко негативно влијание врз историските градби, според оценката на УНЕСКО.

И покрај повеќекратните предупредувања на УНЕСКО, развојот на проектот не запре.