Велигденскиот остров исчезнува

47

Во извештај од „Њујорк тајмс” се вели дека делови од Велигденскиот остров можат да исчезнат бидејќи нивото на морето се зголемува. Дописниците Николас Кејси и фотограф Џош Ханер отпатувале на островот за да ги видат ефектите кој ги предизвикал океанот.

Велигденскиот остров, кој се наоѓа во југоисточниот дел на Тихиот Океан, е познат по своите неверојатни статуи направени од Рапанујците пред неколку векови. Кога се доселиле на островот се сметало дека има околу 17.500 луѓе, но кога холандските истражувачи пристигнале во 1722 година, немало повеќе од 3.000 луѓе. До 1860-тите тие исчезнале.

Денес, чилеанскиот остров е населен од повеќе од 6.000 луѓе. Но, континуираното зголемување на нивото на морето како и климатските промени си го земаат данокот уништувајќи некои од остатоците од Рапа Нуи, особено статуите кои секоја година ги посетуваат повеќе од 100 000 туристи.

“Многу од статуите моаи и скоро сите аху, платформите што во многу случаи исто така служат како гробови за мртвите, го обиколуваат островот”, пренесува весникот “Њујорк тајмс”. “Според некои климатски модели кои предвидуваат дека нивото на морето ќе се зголеми за 1,5 до 1,8 метри до 2100 година, жителите и научниците стравуваат дека бурите и брановите сега претставуваат закана како никогаш порано”.

На Велигденскиот Остров, три популарни места – Тонгарики, Анакена и Акаханга – се изложени на ризик од зголемената вода. Некои статуи се само неколку метри подалеку од брзо еродирачките ѕидови на гребенот. Сè уште не е јасно што го предизвикало исчезнувањето на оригиналните жители на островот, и како што земјиштето еродира одговорите на таа мистерија може да се изгубат.

Можно е некои од статуите да бидат преместени, иако тоа доаѓа по цена на губење на нивната историска порака. Тоа секако е тажна состојба на работите, бидејќи резултатите од климатските промени стануваат сè поочигледни – и како што Велигденскиот остров ги губи своите плажи, исто така може да ги изгуби преостанатите тајни скриени под песокот.