Велешанката Пале ослободена од обвинение за убиство на  партнерот

240

Велешанката Павлинка Пале Илоска, која беше обвинета за кривичното дело убиство на миг, денес, на судско рочиште во Велешкиот суд, е ослободена од обвинението.

Убиството се случило на 29 септември минатата година, а 23-годишната велешанка го извршила поради претрпено семејно насилство од Александар Ристовски, со кого живеела во вонбрачна заедница.

Основниот суд во Велес денес изрече ослободителна пресуда.

Во пресудата со која Илиоска се ослободува од обвинението, Судот утврдил дека обвинетата, врз основа на телесниот преглед извршен на неа и ДНК-анализата од ноктите на сега веќе покојниот партнер, била давена, удирана по главата, рацете и по нозете и влечена за облеката. Нападот траел долго и ја довел Илиоска во животозагрозувачка состојба, со што била принудена да го брани сопствениот живот. Пред Судот, Илиоска истакнала дека не се чувствува виновна, бидејќи го извршила делото во самоодбрана и дека тоа било борба за живот – доколку не бил тој, таа ќе била мртва.

Случајот  предизвика  големо внимание во јавноста  откако  се дозна дека Илоска подолго време била жртва на семејно насилство, но не добивала никаква заштита од полицијата иако во повеќе наврати го пријавувала партнерот. Во одбрана на Илоска застанаа невладини организации и Хелсиншкиот комитет, кои бараа Судот да го преквалификува делото  од „убиство во миг“  во ,,нужна одбрана”.

– Починатиот, во многу наврати, бил пријавуван за насилство кон партнерката со која живеел, од страна на членови на нивните семејства и од соседите, но полицијата никогаш не дошла, ниту постапила. Инаку, на дописот на Хелсиншкиот комитет до СВР Велес, со кој беа побарани информации поврзани со случајот, беше добиен одговор дека воопшто немало пријави за насилство. Сето ова буди основан сомнеж дека полицијата се ставила во заштита на својот насилен колега и со своето непостапување против него, придонела за трагичниот тек и исход на настаните. Со оглед дека непостапувањето на надлежните органи е една од главните системски слабости во справувањето со семејното и родово базираното насилство, Хелсиншкиот комитет за човекови права ќе инсистира на одговорност од инволвираните полициски службеници, нотира  Хелсиншкиот комитет за човекови права.

(П.Ч.)