Излезноста на гласачите во вториот круг од Локалните избори ( до 18,30 според официјалните податоци на ДИК) изнесуваше околу 50 проценти и е со минимално намален процент во споредба со првиот круг, кога 51,4 проценти од гласачите излегоа на гласање. Најголема излезност имаше во Вевчани – 81,2 проценти, потоа во Росоман – 80,81 процент и Демир Капија – 80,37 проценти, додека во останатите општини излезноста беше под 78 проценти. Најмала излезност имаше во Сарај – 28,12 проценти
Гласањето во вториот круг од Локалните избори помина без поголеми проблеми, Македонија имаше мирен изборен ден. На некои избирачки места имаше прекини поради уредите за отпечатоци од прсти, поради што во Центар, Сарај, Карпош, Чешиново – Облешево, Зелениково, Пробиштип и Долнени, гласањето беше продолжено и по 19 часот.
– Сметам дека сите се уверивме дека имавме успешен и мирен гласачки ден, со изолиран број на инциденти, кои не се организирани. Имавме фер и демократско гласање, каде што видовме дека уредите за биометриска идентификација на гласачите работеа беспрекорно, освен некои случаи сабајле, кои се регулираа и веќе не се повтори тоа – изјави претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски.
Излезноста на гласачите во вториот круг од Локалните избори (до 18,30 часот според официјалните податоци на ДИК) изнесуваше околу 50 проценти и е со минимално намален процент во споредба со првиот круг, кога 51,4 проценти од гласачите излегоа на гласање. Најголема излезност имаше во Вевчани – 81,2 проценти, потоа во Росоман – 80,81 процент и Демир Капија – 80,37 проценти, додека во останатите општини излезноста беше под 78 проценти. Најмала излезност имаше во Сарај – 28,12 проценти.
Вториот круг од локалните избори се одржа во 44 општини, а во прв круг се прегласуваше на по едно избирачко место во Дебар и Шуто Оризари. Овие се седми локални избори од независноста на Македонија и втори, по ланските парламентарни, кои се одржуваат во време на пандемијата со коронавирусот. Право на глас во општините, во кои не беше избран градоначалник во првиот круг, имаа 1.353.990 избирачи. Се гласаше на 2.481 избирачко место. Во првиот круг 34 општини избраа градоначалници, бидејќи беше исполнет законскиот минимум за еден кандидат да гласаат 50 отсто од оние кои излегле на гласање.
Денеска не се гласаше за градоначалник во Маврово-Ростуше и Центар Жупа бидејќи во првиот круг не беше исполнет законскиот цензус на гласање, односно да излезат најмалку една третина од запишаните гласачи во Избирачкиот список. За овие две општини Државната изборна комисија најави дека ќе ја извести Владата, а дополнително ќе се организира повторување на гласањето за градоначалник во согласност со Законот за локална самоуправа. Членови на советот се избрани бидејќи за нив не е потребен цензус.
На некои места каде што имало проблеми, ДИК донела одлука да се гласа на класичен начин, но во меѓувреме гласањето продолжило со идентификација со уредот. Онаму каде што имало прекин, гласањето продолжи онолку колку што беше во прекин. До ДИК, како што информираше Даштевски, пристигнале 739 приговори, од кои 642 се прифатени, 45 одбиени и за 52 е констатирано дека се во избирачки список, гласачите кои ги поднеле.
Гласањето вообичаено почна ден порано во саботата со изјаснувањето на болните и немоќните, лицата заразени со ковид-19 и во самоизолација и затворениците. Според податоците на ДИК се работи за вкупно 7465 гласачи. Од нив 1409 затвореници, 266 лица во 13 старски домови, шест внатрешно раселени лица, 5588 болни и немоќни лица или лица во куќен притвор, чии пријави биле прифатени од општинските изборни комисии, како и 376 лица со ковид-19 или во изолација.
И по денешното повторено гласање во едно гласачко место, граѓаните на Дебар не го избраа новиот градоначалник. Како што потврдија од изборните штабови на ДУИ и на Алијанса за Албанците-Алтернатива, во Дебар ќе има втор круг на гласање на 14 ноември, бидејќи и по повтореното гласање ниту еден од кандидатите не обезбедиле потребниот процент од вкупниот број од излезените граѓани на гласање. Вкупниот број на запишани избирачи на ова избирачко место влијае врз вкупните резултати во оваа општина.
Денешното гласање го следеа 1.220 акредитирани домашни набљудувачи и 368 странски. Најголем дел од странските набљудувачи се од ОБСЕ/ОДИХР.
Овие се седми локални избори од независноста на Македонија во 1991 година. Првите локални избори се одржаа на 17 ноември 1996 година, и се избираа и советници и градоначалници во 123 општини, плус Градот Скопје.