Иако претходно од општина Вевчани официјално се откажаа од организирање на Вевчанскиот карневал, сепак и во услови на пандемија, со по две маски, се случи 15-вековната традиција. Под силно полициско обезбедување и со по две маски, една за заштита од ковид-19, а другата василичарска, улиците на Вевчани продефилираа – „бугарски фашистички окупатор“, руската вакцина „Спутник“, служба за дезинфекција, легална продажба на марихуана, мексиканци, пирати, специјалци…

Сепак, дел од присутните беа фрустрирани од големиот број на полицајци, па се случи и тензија и апсење на некои од учесниците. Од МВР изјавија дека интервенирале поради непочитување на мерките и прописите за спречување на ширење на коронавирусот.

„И покрај претходно постигнатиот договор на три одржани состаноци со лицата инволвирани околу одржувањето на оваа манифестација да се почитуваат мерките и да нема групирање, денеска поголема група на граѓани се собраа во Вевчани без почитување на мерките односно со недозволено групирање поради што мораше да интервенира полицијата. По документирање на случајот, ќе бидат поднесени и соодветни поднесоци“, се вели во соопштението од полицијата.

Интервенцијата на полицијата вчера предизвика бурни реакции кај опозицијата, а Василичарите излегоа со соопштение во кое велат дека одредени структури на полицијата очигледно направиле погрешна проценка, односно пратиле преголема бројка полициски службеници на Св.Василја Вевчани, што било сфатено како провокација.                                                                           Фото: Н.Батев