Вевчани ќе добие фабрика за производство на медицински канабис и 50-ина вработувања

68

Околу 50 лица ќе бидат вработени во новата фабрика за производство на медицински канабис, масло и други производи од канабис што наскоро ќе почне со работа во Вевчани.

Производствениот процес, како што информира градоначалникот Сашо Јанкоски, треба да почне во октомври идната година, а за неполн месец ќе почне постапката за вработување.

Тој истакна дека имал средба со сопственикот на компанијата „Флауер Пауер“ Матео ван дер Борн од Холандија, на која биле прецизирани условите за почнување на инвестицијата.

–  Со сопственикот на компанијата ги прецизиравме условите што Општината треба да ги обезбеди за почнување на инвестицискиот процес, а за возврат за вработување предност да имаат лицата од Вевчани. За дваесетина дена треба да почнат првите вработувања и поставување на опремата, која како што најави сопственикот, ќе биде со вредност од околу пет-шест милиони евра – изјави Јанкоски.

Фабриката за производство на медицински канабис, масло и други производи од канабис ќе биде сместена во веќе постоечки објект на влезот од Вевчани, за што бил склучен договор со сопственикот.

–  За нас како општина Вевчани, посебно е задоволството што се отвораат педесетина нови добро платени работни места, со што ќе се реши егзистенцијата на исто толкав број вевчанци. Нашите заложби за привлекување инвеститори, отворање нови работни места, како и подобар живот за граѓаните се континуирани – потенцираше градоначалникот.