Веб страницата на Oпштина Демир Хисар од вчера е збогатена со една нова содржина, а тоа е алатката „Туристичка понуда“.
– Потребата за промовирање и достапност до туристичките потенцијали на Демир Хисар се јавува одамна, но, конкретно е реализирана по препорака од Локалниот економско-социјален совет на Општинатa, а поддржана беше од градоначалникот и Советот– соопштија од локалната самоуправа.
Оттаму додаваат дека повеќе пријатели на Демир Хисар со право реагирале дека не се достапни информациите за убавините на оваа општина, за особеностите на демирхисарското поднебје, за објектите за сместување, за рестораните и кафе баровите, за природните и антропогени ресурси, за верските објекти, за можноста за планинарски и велосипедски туризам и друго, едноставно за тоа како и зошто би го посетиле нашиот крај.
– Со оваа нова содржина на веб-страницата на општината, секој заинтересиран може да ги најде на едно место сите неопходни информации за посета и престој во Општина Демир Хисар, секако секој според своите афинитети и потреби – велат од локалната самоуправа.
Исто така, оваа содржина ќе биде и понатаму отворена за идеи, како од локалните жители, така и од посетителите и секоја нивна иницијатива е добредојдена за збогатување на понудата.