Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Приштина бара од новата влада на премиерот Албин Курти да ја укине таксата од 100 отсто на увозот од Србија и Босна и Херцеговина, која неговиот претходник Рамуш Харадинај ја воведе во ноември 2018 година, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во писмена изјава за косовската државна телевизија РТК, американското дипломатско претставништво во Косово вели дека ставот на претседателот на САД Доналд Трамп и неговиот пратеник за преговорите меѓу Косово и Србија, амбасадорот Ричард Гренел, останува непроменет и дека Вашингтон очекува Приштина да ја укине таксата, додека Белград да престане со кампањата за повлекувања на признавањата на косовската држава.

– Позицијата на САД во однос на косовската такса од 100 отсто останува непроменета. Како што неодамна изјави специјалниот претседателски пратеник Гренел, таксата од 100 отсто треба да се укине и кампањата на Србија за повлекување на признавањата (на Косово) мора да престане, се вели во изјавата на американската амбасада во Приштина.