Вашингтон и Брисел ја „запечатија“ преговарачката рамка?!

Меѓунардоната заедница не отстапува од ставот дека преговарачката рамка за Македонија усвоена лани летото е најдобрата зделка и дека за неа не може одново да се преговара. Последната порака ја испрати амбасадорката на САД во земјава, Анџела Агелер, која порача дека е лажна вест оти некој може да го репреговара договорот постигнат лани и дека е можен подобар договор. И амбасадорот на ЕУ во земјава, Дејвид Гир, во неодамнешното интервју за весникот ВЕЧЕР порача дека преговарачката рамка „беше најдобриот договор што можеше да се постигне во овие околности“.  Од најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, пак, велат дека борбата за зачувување на идентитетот е легитимна и тие ќе продолжат да се борат.

182

Меѓунардоната заедница не отстапува од ставот дека преговарачката рамка за Македонија усвоена лани летото е најдобрата зделка и дека за неа не може одново да се преговара. Последната порака ја испрати амбасадорката на САД во земјава, Анџела Агелер, која порача дека Европската унија беше кристално јасна за тоа што се бара од Скопје за да се придвижи напред кон интеграцијата и да биде целосно рамноправна членка на евро-атлантската заедница. Агелер е децидна дека е лажна вест оти некој може да го репреговара договорот постигнат лани и дека е можен подобар договор.

– Лажна вест е тоа дека некој може да го репреговара договорот постигнат минатото лето. Тоа е лажна вести. Исто така лажна вест е дека е можен подобар договор кој сè уште не сме го откриле. Амбасадорот на ЕУ овде во Скопје, Гир, но и Брисел беа многу јасно дека ова се барањата за одење напред. Така што уште еднаш, наместо да биде заглавени во историски прашања и контексти, тоа што е барање на граѓаните од политичарите кои ги избрале, е тие да работат за нивните интереси и да ја придвижат земјата кон Европската унија. Тоа е местото каде што се можностите за економски раст, образование, социјала, трговија и многу други можности постојат. И навистина искрено за надевам дека тие ќе ги направат тешки одлуки, изјави Агелер во гостување на Канал 5 телевизија.

Во врска со најавите од опозицијата дека нема да гласа за уставните измени, Агелер упати порака до пратениците, лидерите и членовите на сите политички партии да го препознаат овој клучен момент и да донесат одлуки кои се за доброто на граѓаните, а не во интерес на нивните политички или лични аспирации.

-Оваа земја може и ќе има огромна корист од членството во ЕУ и членството во широката трансатлантска заедница. Tоа е државна цел на оваа земја и речиси 80 проценти од граѓаните во оваа земја сакаат да бидат дел од ЕУ. Патот напред е многу јасен и повторно се надевам дека лидерите и избраните функционери, кои беа избрани со цел да ја направат вистинската работа за доброто на своите граѓани, да ги направат тие тешки избори сега и да ја придвижат својата земја напред кон поголема стабилност, просперитет и можности. Мојата надеж повторно e дека ќе гледаме кон иднината, а не во минатото. Топката е во вашиот терен. Одлуката е на граѓаните и на лидерите на оваа земја да одлучат да го продолжат патот кон ЕУ. И многу е важно дека единствениот начин да се одбегнат притисоците од било кој европски центар или неговите водачи, е придружување на ЕУ. Тоа се моите очекувања за оваа земја, порача амбасадорката Агелер во интервјуто и посочи и дека корупцијата продолжува да биде еден, ако не и најголем предизвик со кој се соочува земјава и изрази разочараност од справувањето кај властите со криминалот и корупцијата.

Од најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, пак, велат дека борбата за зачувување на идентитетот е легитимна и партијата ќе продолжи да настојува на нова преговарачка рамка со Европската Унија.

 -ВМРО-ДПМНЕ се бори и се залага за фер шанса и за заштита на македонскиот идентитет и посебност и тоа се легитимни барања, легитимна борба и ќе продолжиме да се бориме, изјави портпаролот на партијата, Наум Стоилковски запрашан како ја оценува изјавата на Агелер дека е лажна вест можноста за репреговарање на преговарачката рамка.

И амбасадорот на ЕУ во земјава, Дејвид Гир, во неодамнешното интервју за весникот ВЕЧЕР порача дека преговарачката рамка „беше најдобриот договор што можеше да се постигне во овие околности“. Гир рече дека Македонија треба да ја исполни својата билатерална обврска кон Бугарија и да ги додаде луѓето кои се самоидентификуваат како Бугари, на листата на групи заштитени со Уставот, а обврска на Унијата е да се погрижи билатералните прашања да не станат дел од процесот на пристапување и доколку се појават пречки во иднина, тие се однесуваат на реформите, а не на билатералните прашања како што се историјата, идентитетот или културата. Евроамбасадорот предупреди дека ако уставните измени не поминат, земјава ќе го изгуби моментумот и напредокот кон ЕУ ќе биде одложен додека не се усвојат измените.

 -Ги следев многу внимателно дискусиите што се водеа од октомври 2020 година до јули 2022 година, кога беше постигнат договор. И, морам да кажам, тоа беше исклучително тешка дискусија со многу различни барања, од кои некои беа напуштени, но многу тешка дискусија. Овој договор беше најдобриот договор што можеше да се постигне во овие околности. Тоа е компромис, да. А компромисот значи дека никој не е целосно среќен. Но, како што реков на почетокот на ова интервју, она што тој го направи беше да ѝ дозволи на оваа земја да ги остави зад себе проблемите од минатото и да продолжи напред фокусирајќи се на она на што навистина треба да се фокусира, а тоа е спроведувањето на реформите. Значи не, не гледам подобар договор кој може да се договори, изјави евроамбасадорот Дејвид Гир во интервјуто за весникот ВЕЧЕР. 

Американската амбасадорка денеска имаше средба и со претседателот на државата Стево Пендаровски, со кого, како што соопштија од кабинетот на шефот на државата разговарале и за одвивањето на евроинтегративниот процес и за „следните чекори кои треба да бидат преземени во таа насока“. (В.С.Н.)