Вашингтон загрижен: Можноста севернокорејските војници да се борат во Украина го загрижува Пентагон

297

Вашингтон загрижен поради можноста Русија да сака да користи севернокорејски војници во борба или за поддршка на борбените операции против украинските сили, изјави денеска портпаролот на Пентагон, Патрик Рајдер.

Тој рече дека неколку илјади севернокорејски војници се приближиле до границата на Русија и Украина, во правец на областа Курск.

Како што додаде, помал број војници веќе се присутни во руската област Курск, каде што украинските сили извршија инвазија во август, пренесува „Униан“.

– Продолжуваме внимателно да ја следиме ситуацијата во консултација со нашите украински партнери и другите сојузници – рече Рајдер.

Според Пентагон, Северна Кореја испратила околу 10.000 војници во источна Русија на обука, а се очекува тие да им се придружат на руските сили „во близина на Украина во следните неколку недели“.

Претходно денеска севернокорејските медиуми објавија дека министерката за надворешни работи на земјата Чое Сон Хуи пристигнала во рускиот град Владивосток, но не ја прецизираа целта или деталите за нејзината посета.