Василичарски обичаи насекаде низ Македонија ќе се одржат утре на верскиот празник Василица. Џоломарите се подготвени да ги избркаат лошите духови од Тиквешијата. Станува збор за група мажи со кожувчиња и грпки, лица исцрнети со саѓи, стапови и клопотарци со кои прават врева и на тој начин го бркаат злото за да направат пат за добрината. Во групата има и двајца мажи преправени во невеста и баба, кои ги симболизираат плодноста и мудроста. Томе Крстевски, етнолог при Кавадаречкиот музеј вели дека и оваа година продолжува традицијата која се негува во неколку села во Тиквешијата.
– Во верувањето на македонскиот човек посебно важно место има периодот од Божик до Водици, односно според верувањето од раѓањето на Исус Христос до неговото крштевање. Кај нас овие денови земаат големо значење, поготово во селските средини каде се одржуваат обичаи кои имаат длабоки корени. Познати се под името пагански обичаи, односно период исполнет со религиозен страв и разни магиски заштити, нагласува Крстевски.
Терминот паган, како што појасни, доаѓа од латинскиот збор „паганус“ што според првобитното значење е рурален, селски или на селото ако се толкува како придавка. Но, ако се толкува како именка, „паганус“ означува селски жител или селанец.
– Тоа е религија на почитување на природата, славењето на мајката Земја, на годишните времиња и воопшто на целата природа, додава етнологот.
Најчесто паганизмот се среќавал во селата, меѓу селското население. Доказ за тоа е, како што вели Крстевски, обичајот на џоломарите од селата Ресава и Бегниште, но истовремено и практикување на овој обичај во селата Дреново и Сопот во овој етнички предел Тиквеш.
Џоломарската игра е позната низ цела Македонија, но во зависност од тоа каде се одржува, овие обичаи имаат различни имиња. Џаламари, џоломари, џамалари, бабари, суровари, василичари, русалии и слично.
– Се смета дека овие маскирани групи се организираат со цел да ги избркаат лошите духови што шетале во 12 некрстени денови од Божик, 7 јануари, па до Богојавление, 19 јануари. Се е во контекст на раѓањето на Исус Христос и неговото крштевање кое се случило на 13-годишна возраст. Според народните верувања, тогаш шетале разни вештерки, вампири, чума, колера и друго. Исто се верувало дека и водата е опседната од овие духови, таа била леунка-немоќна некрстена, крстот бил „врзан“ и немал сила во овие денови да помогне да ги прогони, раскажува Крстевски.
Нивните ритуални игри се проследени со драмски и комични елементи исполнети со магиски дејства, кои имале за цел да го истераат лошото, а истовремено да донесат бериќет и благосостојба за годината што настапува, како во семејството, така и на земјоделските површини.
На Василица во делчевското село Ѕвегор ќе продефилираат стотина маски на карневалот “Ѕвегорска сурова”. Според организаторите на карневалот, веќе се подготвени околу 100 маски кои низ селото ќе продефилираат утре на Василица. Делчо Гошев, еден од кумовите на „Ѕвегорска Сурова” вели дека ова е традиција која датира од пред 100 и повеќе години.
– Како што ни кажувале нашите предци ова е обичај кој влече корени од дамнина. Во нашето село бил поголем бројот на турско население, православното население живеело на повисоките места. Тие се симнувале во Ѕвегор за време на Василица да изразат почит кон дел од населението кое живеело таму и затоа обичајот се спроведува рано наутро на празникот кога маскираните ги правеле обичаите, вели Гошев.
Вториот кум на „Ѕвегорската Сурова” Антонио Цветковски вели дека најзначајната маска на карневалот во село Ѕвегор е маската на невестата.
– Маската на невестата за време на изведување на обичаите никако не смее да биде откриена. Обичаите исто така налагаат „суроваскарите” да одат од куќа на куќа при што домаќините ги опслужуваат со топла ракија, пивтија при што учесниците изговарајки го зборот „Сурова” на домаќините им посакуваат Среќна Нова година при што се верува дека на тој начин ги бркаат злите духови, појасни Цветковски.
Откако ќе се посетат сите куќи во селото, како што велат организаторите, невестата се води на селската чешма каде пие вода, а потоа на завршна манифестација вечерта се делат даровите и се открива нејзиниот идентитот при што прима дарови од страна на присутните.
Пред одржувањето на карневалот „Ѕвегорска Сурова” дел од учесниците гостуваат на реномираниот карневал во општина Симитли, каде со свои маски достојно го претставуваат пијанечкиот обичај пред граѓаните на Република Бугарија.
Во поширокиот дебарски регион, според наследената традиција, нема коледарчиња за Бадник, но затоа за Василица има деца суројчари. Тие во рака држат, како што се нарекува суројца во форма на крст или китка, составена од страк од лозница, гранчиња од леска, дрен, даб и босилек заврзани со црвен конец. Тие денеска на пладне ќе ги посетат православните домови и откако домаќините ќе ја отворат вратата ги „удираат”по глава и пеат „Сура, сура година, до година повесели”, по што се дарувани, пред се, со пари, но и со благо, костени, ореви и овошје.
Некогаш кога на овие простори живееле поголем број православни жители само во градот имало по повеќе од десет групи, составени од по десеттина деца но последните години оваа традиција ја продолжуваат најмногу две групи, од по четири до пет деца. Како што налага вековната традиција денеска домаќинките подготвуваат пита или како што дебарчани го нарекуваат виткан комат, со паричка, која каде ќе се падне се верува дека носи среќа цела година.