Јануари  е  месец најбогат со празници, прослави, слави. Од Нова година, преку православниот Божик, Стара нова година, Василица, Свети Стефан, Свети Јован… Компилација на христијански обреди, но и на многубожечки ритуали.

Овие пагански обичаи потекнуваат од древниот култ кон Сонцето, кој датира 2000 години пред раѓањето на Исус Христос.  Од Божик до Водици, во овие дванаесет некрстени денови, во сите краишта на Македонија луѓето се бранат од лошите духови

Прославата на Нова година е зад нас, но пред нас е уште една, Стара нова година. Неоспорно е дека сите овие празници, Божик и Нова Година, се со иста цел, но секаде се различни. Единствено нешто што им е заедничко е дека практично се пагански обичаи кои датираат од древни времиња. Колку, како и кога настанала новогодишната ноќ? Кога практично започнал тој обичај? 

Божик се прославувал во Месопотамија пред повеќе од 4.000 години во вид на фестивал посветен на обновување на светот во уште една година. “Дванаесетте божикни денови” на оган, веројатно и на цепеница на среќата (бадник), давањето на подароци, поклади и карневали, пантомимичари кои од куќа на куќа пеат и изведуваат свои точки, празнување, црковни процесии со огнови и со песни – сето тоа се родило во Месопотамија  неколку векови пред раѓањето на Христос.

Тие пагани го прославувале и доаѓањето на Нова година! Ете така се започнало!

Ваков пагански обичај потекнува од древниот култ кон Сонцето кој датира 2000 години пред раѓањето на Исус Христос.

Библијата ниту еднаш не заповеда прослава на новогодишната ноќ. Ниту Исус ниту апостолите не држеле Нова година, а уште Мојсеј забранил таква прослава.

Новогодишната прослава, која потекнува од Вавилон, го насочи својот пат кон Стара Грција, а потоа и до Рим. Тој празник Римјаните го викале “Сатурналија” (по богот Сатурн), а бил популарен до крајни граници. Таа ноќ луѓето, со големи количества алкохол, пирувале и правеле оргии, а прославата достигнувала врвна точка со принесување на човечки жртви!

Топла ракија, процесија на осветување на огнот, водата, житото, погачата, музика, баднички, василичарски огнови. Сето тоа е наследство од нашите предци кои верувале во многу богови.

Како пред многу векови така и сега сите верувања се поврзани со бериќетот и здравјето на семејството. Сѐ додека нашите предци живееле од лов и од собирање плодови, за нив постоеле само денови – колку пати Сонцето ќе се појави на небото толку денови има. Подолгите временски периоди, пак, можеле да се сметаат со гледање во Месечината, бидејќи таа се покажала погодна за таа намена, низ своите фази проаѓа во еднакви интервали, од млада до полна Месечина. За прво време тоа било доволно. Останатото – дожд, суша, било волја на боговите. Поклонувањето на боговите, принесување жртва, сѐ со цел да им се удоволи на вишите сили.

Така, не случајно во јануари, посебно кај нас, се измешани толку празници и обичаи, христијански и многубожечки. Првиот топол зимски бран, според нашиот народ, особено во регионот на Тиквешијата, е на 14 јануари (Василица) , а вториот на 14 февруари – Свети Трипун. Според кажувањето на народот, на овие датуми времето се менува, станува потопло и “земјата го јаде снегот”.

А тука е и спорната Стара нова година. Со задоцнување од 13 дена, Македонците, Србите, Русите, верниците на Ерусалимската патријашија и останатите православци свечено и весело ја пречекуваат Новата година.

На овој ден се прославуваат два значајни датума од православниот  календар: споменот на обрезувањето на Исус Христос на осмиот ден од неговото раѓање и празникот Свети Василиј Велики.

Во еванѓелието е запишано дека Исус, сообразно на еврејските закони за обрезување на сите машки деца осмиот ден по раѓањето – кога им било давано и името, бил донесен во храмот и обрезан.

Со тоа се покажало дека Синот Божји по ништо не се разликува од останатите луѓе.  При обрезувањето му е дадено името Исус.

Од Божик до Водици , во овие дванаесет некрстени денови, во сите краишта на Македонија луѓето се бранат од лошите духови. Според верувањето, тие се најопасните и најризични денови во годината. Народните верувања велат дека особено некрстено дете и жена леунка се најизложени на негативните демони. Се смета дека во овој период се активни разни нечисти сили, зли духови, караконџули, вештерки, кои влегуваат во домовите, учествуваат во гозбите и на секој начин се обидуваат на наштетат.

Нашиот народ, живеејќи во религиски страв, прибегнувал кон разни магиски заштити. Правел гозби, сакал да ги смилостиви злите духови. Такви се василичарските обичаи познати и под името бабари, русалии, џамарали, ешкари, кои со маскирање и со правење врева  со сите можни реквизити, со гласни песни и ора, со тропање, треба да ги избркаат овие демони. Сосема е јасно дека станува збор за пагански обичаи за бркање демони кои подоцна, до извесен степен, попримиле некои христијански елементи. Всушност и вевчанскиот карневал, кој се одржува на Свети Василиј, нема ништо заедничко со Црквата, корените се во паганските обичаи. Пораките се да се пречека новото лето со здравје, радост и бериќет, да се изгонат злите духови, да се исмеат сите особини на луѓето и на тој ден, барем под маските, човекот да се почувствува среќен како што се стреми во реалниот живот.

Календари

Прославата на Стара нова година се раководи со сметање на времето според одамна  напуштениот Јулијански календар. Нашиот народ Јулијанскиот календар вообичаено го нарекува и православен, иако во времето на неговото настанување христијанството уште не се појавува како религија, па според тоа ни православието.

Практично, во време на реформите на календарот од папата Грегориј, повеќето православни земји се наоѓаат под турска власт, па поради тоа тие не можеле да ја прифатат реформата. Во следните векови, заостанувањето на Јулијанскиот календар зад Грегоријанскиот создало временска разлика од 13 дена, што и довело до несогласување во христијанските календари, во прв ред во пресметување на “подвижните празници” како што е Велигден. На почетокот на 20-тите години од минатиот век Цариградската патријашија одржала конференција на која се расправало за календарите. Сите  православни цркви тогаш начелно го прифатиле новиот календар, но на секоја од нив им е оставено сама да одлучи како ќе го применува. Грците веднаш го прифатиле, но набрзо потоа кај нив се појавиле таканаречени “старокалендарци”, кои  останале приврзани кон старото сметање на времето. Но мора да се знае дека и стариот и новиот календар се исти, само што се разликуваат за 13 дена. Иако на секои 128 години разликата се зголемува за еден ден, договорено е тој “вишок ден” да се додава по секој век. Така, во 2100 година разликата меѓу овие два календара ќе биде 14 дена.

Свети Василиј

Свети Василиј Велики е роден во 329 година, во време на владеењето на цар Константин во градот Кесарија, Кападокија.

Бил крстен на подоцнежни години на реката Јордан. Бил образован, бидејќи во Атина 15 години ги изучувал филозофијата, реториката, астрономијата и останатите науки кои тогаш се проучувале. Повеќе години бил архиепископ во Кесарија, успешно раководел со заедницата и е наречен “пчела на Христовата Црква, медоточна река на мудроста, голем богословски ум”.

Тој ги составил богослужбите кои според неговото име се наречени Василиеви и преку нив се прославува Бог на најголемите Господови празници. Оставил богословски, подвижнички, канонски, апологетски дела. Пред смртта го замолил Бога да му го продолжи животот за еден ден и Бог му дал сили да го крсти еврејскиот лекар Јосиф и да одржи божествена литургија. Умрел на 1.1. 379 година според стариот календар, на 49 години.

Православната Нова година се слави на 14 јануари според новиот календар. Тогаш Црквата врши “молебен за Нова година”, со што му благодари на Бога за сите добрини во измината година и го моли да ги благослови Црквата и народот во годината која доаѓа.

Василица во Шутка

Во Населбата Шуто Оризари, но и секаде каде што живеат ромски семејства,  празникот Василица е втор по важност по Ѓурѓовден.

“Процесијата на славењето на Василица” започнува кога на 12 јануари главите на семејствата купуваат две гуски и една патка или јагне. Следниот ден, на 13 рано наутро се колат животните, како курбан за старата година. Од нив домаќинките прават пача.

По 12 часот се затвораат вратите на домовите. Ова  не е симболично, туку оние семејства кои ја слават Василица се дома и излегуваат само во исклучителни околности, односно во случај на крајна неопходност. На семејството, сѐ до поминување на “полазеникот”, односно човекот кој прв ќе им влезе во куќата во Новата година, не смее да им дојде никој. Правилата се толку строги што, освен изричната забрана за влез, понекогаш резултираат со тепачки ако се повреди традицијата на семејството.

Во домовите е тивко, исклучени се и транзисторите и телевизорите, а на телефон не се одговара. Василичарите сметаат дека поздравот на водителот на ТВ Дневникот со “Добра вечер”, всушност, е упад во  нивниот дом, нарушување на среќата која во Новата година треба да им ја донесе полазеникот.

Секое семејство си има свој полазеник, договорен и традиционален. Но доколку на семејството подолго време не му оди добро во трговијата, во љубовта или воопшто во животот, газдата на куќата може да избере нов полазеник.

Полазеникот поминува во кое било време по полноќ. Целото семејство е будно и го чека со подготвена софра. Полазеникот обично доаѓа околу 2 часот наутро. Убаво и чисто облечен, тој со раката полна со ориз и парички тропа на вратата од куќата. Кога домаќинот ќе му ја отвори вратата, тој ги фрла паричките и оризот, посакувајќи богатство и благосостојба.

Тој доаѓа со музика и ја растресува пачата за бериќет во Новата година. Василичарите вечераат, а прославата продолжува во текот на целата ноќ. Утрото главите на семејтвата се посетуваат меѓу себе, односно сите заедно – полазениците и домаќините – одат од една куќа во друга и со чашка и богато јадење си ја честитаат Василица.