Вардар поуспешен од Еурофарм Пелистер за 15.титула во ракометниот Куп на Македонија

87

Во драматично финале на Ф4 завршницата во Кавадарци, Вардар го победи Еурофарм Пелистер со 23-22 и ја одбрани титулата во ракометниот Куп на Македонија. За „црвено-црните“ ова е јубилејна 15-та Куп титула.

Пелистерци имаа четири гола предност на полувремето (12-8), а потоа и водство од 20-16, но не издржаа во исто темпо до крај и во финишот беа поразени. Вардар успеа да ја анулира негативата, а Филип Талески со проектил од девет метри во истекот на последните секунди, стави точка на мечот и обезбеди победа за титула.

Филип Талески со шест погодоци беше прв стрелец во Вардар и најефикасен играч во финалето од Купот. Кај Еурофарм Пелистер по пет гола постигнаа Граџан и Периќ.

Талески беше и најдобар стрелец на турнирот со 15 погодоци, а го освои и пехарот за МВП на завршниот турнир во Купот на Македонија. За најдобар голман беше прогласен чуварот на мрежата на Вардар, Мартин Томовски.