Ракометарите на Вардар со пораз ја завршија групната фаза од Лигата на шампионите. „Црвено – црните“ на домашен терен се поразени од францускиот Монпелје со 31:27.
Ова значи дека вардарци групната фаза ќе ја завршат на шестата позиција и во осминафиналето ќе играат со унгарскиот Пик Сегед или францускиот ПСЖ.
Вардарци беа рамноправен противник во првото полувреме, но во второто падна концентрацијата, а тоа го искористи Монпелје да се одлепи на три – четири гола разлика што ја задржа до крајот на натпреварот.
Столе Стоилов со седум гола од девет обиди беше прв стрелец кај Вардар, Сергеј Горбок постигна шест, а Иван Чупиќ пет гола. Марко Кизиќ средбата ја заврши со девет одбрани.
Европскиот шампион групната фаза ја заврши со осум порази, пет победи и една нерешена средба.
Фото: П. Стојановски