Ракометарите на Вардар се многу близу до нов пласман на завршниот турнир во Регионалната СЕХА Лига, откако во првиот четвртфинален натпревар на домашен терен го совладаа хрватскиот шампион ППД Загреб со 24:20.
Тренерот на „црвено – црните“ Веселин Вујовиќ по натпреварот истакна дека е задоволен од разликата од четири гола, но напомена дека ништо не е решено во овој двомеч.
-Ако ми верувате, на полувремето на играчите им реков дека ќе бидам задоволен ако и второто полувреме заврши со два гола разлика. Четири гола е сериозна разлика. Таа е вистинската разлика за еден реванш, ако славиш со пет гола, тогаш можеш да се опуштиш и да бидеш казнет. Сепак, ништо не е решено, нè чека уште многу борба. ППД Загреб е одлична екипа, но Вардар може да игра уште многу подобро, рече Црногорецот.