Вакцинираните нема да може да донираат крвна плазма, само лица што прележале ковид-19

139

Институтот за трансфузиона медицина работи според светски стандарди 

Како што појаснуваат од Институтот за трансфузиона медицина, донори на крвна плазма која се користи за третман на тешко болните пациенти заразени од коронавирусот можат да бидат само лица кои ја прележале болеста ковид-19 и по природен пат се стекнале со антитела. Лицата пак кои ги примиле двете дози на вакцина и со помош на имунизацијата се стекнале со потребниот број на антитела не можат да даруваат крвна плазма за лекување.

Донори на крвна плазма која се користи за третман на тешко болните пациенти заразени од коронавирусот можат да бидат само лица кои ја прележале болеста ковид-19 и по природен пат се стекнале со антитела. Лицата пак кои ги примиле двете дози на вакцина и со помош на имунизацијата се стекнале со потребниот број на антитела не можат да даруваат крвна плазма за лекување. Како што појаснува д-р Садула Усеини, директор на Институтот за трансфузиона медицина, не е исто да ја прележеш болеста или да се вакцинираш.

– Препораките на светските експерти е дека ковалесцента плазма може да биде само онаа дадена од лица кои ја прележале ковид-19 болеста, бидејќи стекнат имунитет со вакцинација не може да се категоризира како ковалесцентна плазма. Досега сè уште нема јасни препораки од студиите кои ги вршат овие истражувања  каков е ефектот во третманот на тие пациенти – појаснува д-р Усеини.

Статистиката на Институтот за транфузиона медиција вели дека досега од прележани пациенти крвна плазма дарувале 1.830 лица. Доколку се спореди со бројот на оздравени лица од почетокот на пандемијата кој изнесува 145.851 многу мал процент од нив се решиле да даруваат крвна плазма, нешто повеќе од еден процент.

-На Институтот за трансфузиона медицина досега обезбедени се 1.830 единици на ковалесцентна плазма, а во ковид центрите испорачани се 1.690 единици – вели д-р Усеини и дополнува дека во моментот Институтот располага со 140 резервни единици на ковалесцентна плазма од сите крвни групи.

Тој истовремено апелира кон оздравените лица да бидат дел од оние што ќе се решат да даруваат крвна плазма и да спасат човечки живот.

-Крвна плазма може да се дарува минимум 28 дена по комплетно повлекување на сите симптоми или по завршувањето на изолацијата, или по комплетно повлекување на сите симптоми минимум 21 ден пред дарување е потребно да се има негативен ПЦР тест и позитивен серолошки тест за ИгГ анти – САРС-КоВ-2 антитела, велат од Институтот за трансфузиологија.

Според досегашните искуства, плазмата се користи во третманот на пациенти со ковид со лесна и средно тешка клиничка слика и дава солидни резултати, токму затоа постојано по социјалните мрежи се бара крвна плазма од одредена крвна група. Во крвната плазма на лицето кое било излечено од вирусната инфекција ковид-19 има антитела кои организмот ги создал за време на борбата против болеста. Искуството со плазмата покажа добри резултати кај заразените лица со коронавирусот, бидејќи се врзува за вирусот во организмот на болниот, го намалува неговото дејство, а со тоа ја намалува и прогресијата на болеста.

Терапијата со конвалесцентна плазма се покажала ефикасна и во борба против болести предизвикани од вирусите ебола и САРС.

-Меѓу прележаните пациенти со коронавирус има и лица кои долги години наназад се дарители на крв. Во зависност од видот на вакцината тие ќе можат да продолжат да даруваат крв, но откако ќе помине извесен период од 4 недели до 6 месеци – велат од Институтот и дополнуваат дека ваквите лица треба да се консултираат во нивната здравствена установа.

(В.Ма.)