Буџетот е помал, но се уште имаме врвни играчи во тимот

58

Хрватскиот ракометен интернационалец Иван Чупиќ, повеќе од четири години е играч на европскиот и македонски шампион Вардар. Во својата кариера има освоено три титули во Лигата на шампионите, две со Вардар и една со полскиот Киелце, има постигнато уште многу успеси и покрај тоа што веќе една деценија игра без прс на левата рака со која практично и ги полни противничките мрежи.

Но, летово десното крило на Варада имаше неколку сериозни понуди да си замине од тимот, најзагреан беше Динамо Букурешт, но Хрватот одлучи да почека и да види што ќе се случи со „црвено – црните“ по заминувањето на Сергеј Самсоненко и не згреши. Беше меѓу првите кој се договори со новиот финасиер Михајло Михајловски, а за рускиот портал „Брз ракомет“  откри зашто не си заминал во кризните моменти како што направија неколку други ракометари.

-Уште пред да биде прогласена пандемијата со коронавирусот јас сакав да останам во Вардар. Додека претседател беше Сергеј Самсонеко се чувствував убаво , можам да речам комотно. Но почна пандемијата со коронавирусот и тимот почна да се менува. Почнав да добивам понуди од надвор, но менаџментот ме замоли да почекам и да не потпишувам договор со друг тим до 15. мај. Потоа ја догворив новата соработка за само еден ден. Моето семејство се чувствува убаво во Скопје и затоа одлуката воопшто не беше тешка. Иако клубот сега има нов претседател и многу се сменија, мислам дека не згрешив, истакна Чупиќ.

Хрватот вели дека и ажурираниот Вардар ќе биде конкурентен во новата сезона, има одлични играчи и покрај тоа што сега буџетот е значително помал од претходно.

-Самсоненко му даде се на клубот, но промените се случија доцна, во мај и јуни. Едноставно немаше многу време пред почетокот на новата сезона. Буџетот на клубот е помал, но се уште имаме врвни играчи во тимот па ќе се бориме. Се надевам дека коронавирусот нема да ги расипе нашите планови, а навивачите ќе можат да не бодрат на мечевите на домашен терен. Нивната поддршка е многу важна за нас, вели Чупиќ.