Контроверзниот бугарски турбо-фолк пејач Васил Бојанов, попознат и во Македонија како Азис, деновиве повторно стана татко. Доби син! Со тоа, му се исполни желбата. Азис ја има 14-годишната ќерка Раја, која ја доби од врската со една своја блиска пријателка. Тој не го открива идентитетот на таа жена, бидејќи сака да ја заштити ќерката од новинарските пишувања и фотографирања. Истото се однесува и на сега родениот син. Не се знае која е мајката на новороденчето.

Сепак, во никој случај не може да му се замери на Азис. И за ќерката, а ете сега и за синот, тој е многу грижлив татко. Децата имаат сè што им треба, дури и од “пиле млеко“. – Тоа што го немав јас во детството поради семејната сиромаштија, моите деца ќе го имаат – се зборовите на Азис.

Токму затоа, во овие топли летни денови, тој е  веќе заминат на летување со нив, на една од атрактивните туристички дестинации, далеку од Бугарија. Се претпоставува дека се некаде на Канарските Острови, каде што, сите заедно, уживаат во синиот океан, заштитени од неподносливите папараци. Со нив нема да бидат мајките на децата. Азис има доволно пари, па грижата за децата додека се на летување, ќе ја преземат дадилките.

Азис, некогаш

Инаку, овој корпулентен пејач ја започна кариерата како трансвестит (нешто слично како и нашиот Боки 13), но по десетина години, откако стана славен и богат, одлучи да се врати на прав пат. Сосема ја отфрли женската облека и ете го тоа е што е, вистински маж! И самиот потенцира дека никогаш не бил воодушевен од својата трансформација во женско, но морало да се живее од нешто. Со тоа и (трач) приказните за неговата наводна хомосексуалност брзо се заборавија. Денес, Азис изгледа попривлечно од голем број привлечни бугарски пејачи, а неговите обожавателки отворено и без трошка срам му се нудат за брак.

Азис и Северина

Тој неодамна сними песна со популарната Северина, а песната “Фалиш ми“ во меѓувреме стана голем хит и во Бугарија и на просторите на поранешната Југославија. (Д.М.)