Бугарија со пасоши по брза постапка ќе “купува” етнички Бугари во Македонија?!  

Секој граѓанин на Северна Македонија, што ќе докаже со фотокопија од формуларот на претстојниот попис дека се декларирал како „македонски Бугарин“, да добие бугарски пасош по скратена постапка. Такво барање е упатено од културниот центар „Иван Михаилов“ во Битола во писмо до претседателот Румен Радев, премиерот Бојко Борисов и вицепремиерите Екатерина Захариева и Красимир Каракачанов. Бугарскиот претседател Радев прв реагираше на писмото што го добил. Тој вчера повика на навремен одговор од одговорните институции и во Бугарија и во Македонија и порача дека човековите права и заштитата од дискриминација се во срцето на демократијата. Радев потенцира дека тие се исто така основен дел од Копенхашките критериуми за членство во Европската Унија. Бугарскиот претседател ги поддржува апелите во писмото до бугарските институции за олеснување на постапките за стекнување бугарско државјанство.

656

Секој граѓанин на Северна Македонија, што ќе докаже со фотокопија од формуларот на претстојниот попис дека се декларирал како „македонски Бугарин“, да добие бугарски пасош по скратена постапка. Такво барање е упатено од културниот центар „Иван Михаилов“ во Битола во писмо до претседателот Румен Радев, премиерот Бојко Борисов и вицепремиерите Екатерина Захариева и Красимир Каракачанов, стои на фејсбук-страница на институтот. Во своето писмо тие потсетуваат дека во последните години имало над 100.000 македонски Бугари кои добиле бугарско државјанство. Повеќе десетици илјади поднеле барање за такво нешто, а пред конзулатот во Битола се чека во редици.

 -И покрај масовната кампања против овие луѓе во Македонија, тие не се помалку патриоти на својата земја. Тие ја сакаат Македонија дури и повеќе од другите.  Тие не се „фашисти“, „Татари“ или кое било малцинство, туку голема заедница на Македонци кои го зачувале својот бугарски идентитет, се вели во писмото.

Од културниот центар велат дека се соочуваат со огромен проблем во врска со претстојниот попис во земјава. Во барањето до софиските власти се вели дека се обратиле до нив за да им помогнат да добијат безбедност за оние Македонци кои сакаат мирно и слободно да се регистрираат како „македонски Бугари“. Бараат радикално поедноставување на постапките за добивање бугарско државјанство, што ќе ги заштитело од притисокот на бугарофобијата.

– Апелираме секој граѓанин на Северна Македонија кој со фотокопија од пополнетиот формулар за време на пописот ќе докаже дека се осмелил да се регистрира како „македонски Бугарин“ да добие по желба бугарско државјанство по скратена постапка. На овој начин, би избегнале да бараме сертификати за потекло, кои раѓаат шпекулации за корупција и кои можат да им ја откријат на локалните служби нашата намера да добијат бугарско државјанство. Така, бугарската држава ќе ги заштити македонските Бугари кои се изјавиле на пописот, се вели во писмото.

Бугарскиот претседател Радев прв реагираше на писмото што го добил. Тој вчера повика на навремен одговор од одговорните институции и во Бугарија и во Македонија и изрази увереност дека човековите права и заштитата од дискриминација се во срцето на демократијата. Потенцира дека тие се исто така основен дел од Копенхашките критериуми за членство во Европската Унија. Според шефот на бугарската држава, почитувањето на слободното право на самоопределување на Бугарите во Македонија, кои “и покрај сите репресии во тоталитарното минато, го зачуваа и отворено го искажуваат својот бугарски национален идентитет, претставува клучен чекор во развојот на добрососедските односи”.

-Над сто илјади граѓани на Република Северна Македонија имаат бугарско државјанство, стекнато врз основа на слободно изразување волја и документарно потврдување на нивното бугарско етничко потекло. Илјадници други се во процес на разгледување на нивните апликации за бугарско државјанство. Очекуваме овие објективни факти да најдат израз во спротивставувањето на официјалните власти во РСМ против алармантните димензии на говорот на омраза кон Бугарија и Бугарите во РСМ. Бугарите во Република Северна Македонија мора да имаат еднакви права со оние на другите граѓани на земјата во согласност со највисоките светски и европски стандарди. Овој основен принцип на демократија е вграден во духот на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу двете земји од 2017 година, стои во соопштението од Кабинетот на Радев.

Од неговиот кабинет посочуваат дека бугарскиот претседател ги поддржува апелите во писмото до бугарските институции за олеснување на постапките за стекнување бугарско државјанство.

Минатата недела, поранешниот бугарски министер и амбасадор на Бугарија во НАТО, Бојко Ноев, излезе со барање на пописот во Македонија да има и графа за „Бугари“, доколку има графи за другите националности во земјава. Ноев рече дека нема проблем да развијат соработка со Македонија и од утре да започне со изградбата на патишта и железнички линии, но вели, треба да биде совршено јасно оти правата на Бугарите во Македонија, нивната недискриминација и искривувањето на историјата не може да се третираат на исто ниво со прашањата за асфалт и железнички шини. Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, пак, го постави прашањето какви се правата на Македонците во Бугарија, зошто Македонците не можат да се произнесат како Македонци во Бугарија и не може да го зборуваат македонскиот јазик, ниту да имаат училишта на македонски јазик? Николоски рече дека никој во Македонија никому не му прави проблеми да се идентификува како што сака и да го зборува мајчиниот јазик за кој мисли дека му е мајчин. (В.С.Н.)