Бугарија протерува 70 руски дипломати – затворени двата генерални конзулата

26

Бугарскиот премиер во оставка Кирил Петков денеска информира дека земјата ќе протера 70 руски дипломати кои работеле против интересите на Бугарија. Министерството за надворешни работи соопшти дека вербалната нота со имињата на 70-те дипломати веќе и е предадена на амбасадорката на Русија, Елеонора Митрофанова, пишува Радио Слободна Европа.

Сакам да им порачам на сите странски земји, не само на руската, дека сите оние кои работат против интересите на Бугарија ќе бидат отповикани да се вратат во земјата од која дојдоа – рече Петков.

Тој одби да даде повеќе детали за активностите на дипломатите, бидејќи, како што рече, информациите се доверливи.

Бугарскиот претседател Румен Радев во изјава за медиумите пред самитот на лидерите на НАТО во Мадрид го коментираше протерувањето на руските дипломати од Бугарија.

Не можам да разговарам за ова прашање бидејќи ги немам потребните информации. Се надевам дека премиерот во оставка Кирил Петков има издржани и веродостојни информации за оваа одлука и добро ја разгледа и по обем и по последици – изјави Радев.