БРТ системот може да се надгради со натпатници и бесплатен паркинг во Ново Лисиче

233

Во Ново Лисиче кај последна „5-ка“ од каде ќе тргнуваат автобусите на Брзиот рапид транспорт, треба да се изгради мост на Вардар и голем паркинг за да можат возилата кои доаѓаат од источниот влез на Скопје тука да се паркираат, а патниците би се приклучиле на БРТ системот или, пак, патот до центарот на Скопје би го продолжиле со велосипед. Ова за весникот ВЕЧЕР го тврди Никола Крстаноски, професор на отсекот Сообраќај при Техничкиот факултет во Битола

Во Ново Лисиче кај последна „5-ка“ од каде ќе тргнуваат автобусите на Брзиот рапид транспорт, треба да се изгради мост на Вардар и голем паркинг за да можат возилата кои доаѓаат од источниот влез на Скопје тука да се паркираат, а патниците би се приклучиле на БРТ системот или, пак, патот до центарот на Скопје би го продолжиле со велосипед. Ова за весникот ВЕЧЕР го тврди Никола Крстаноски, професор на отсекот Сообраќај при Техничкиот факултет во Битола.

– Таму недостасува сообраќајница, паркинг за бесплатно паркирање возила, но и паркинг за велосипеди кои ќе можат да се изнајмуваат. Тие што доаѓаат од Велес или Прилеп, на пример, овде би ги паркирале своите автомобили и би се приклучиле на БРТ системот или, пак, патот до центарот на Скопје би го продолжиле со велосипед – објаснува Крстаноски.

Тој смета дека проектот може да се надгради со тоа што ќе се предвиди изградба на натпатници на местата каде има поголеми пешачки токови.

– Тоа би можело да се предвиди во Аеродром кај трговските центри „Капитол мол“ и „Бисер“ од спротивната страна. Овде има голема фреквенција на пешаци и би било одлично овие трговски центри да се поврзат со пешачки натпатник, а тоа воедно би било безбедно и за пешаците. Истото може да се стори кај пазарчето „Буњаковец“ – предлага Крстаноски.

Професорот очекува на терен да се реализира како што се предвидува во проектот, и на тој начин Скопје ќе добие многу во делот на транспортот. Според него, најголем недостаток на сообраќајниот систем во Скопје е токму немањето на брз јавен градски превоз што ќе понуди висококвалитетна превозна услуга.

– Скопје со својата големина по број на жители и површина не може да ги задоволи потребите на своите граѓани, само со автобуски јавен превоз кој е бавен, има проблеми со редовноста, бидејќи од самиот начин на работа во голема мера зависи од закрчувањето на сообраќајот на градските улици – потенцира Крстаноски.

Тој истакна дека во Европа има вкупно 39 градови со приближна големина на Скопје, но македонската метропола е единствен град кој од јавен градски превоз има само автобуски превоз, додека сите останати имаат метро, трамвај, брз автобус, регионални железници.

-Тоа значи имаат еден или повеќе видови на брз градски превоз – нагласи Крстаноски.

Професорот додава дека доколку целта е Скопје да се движи во насока на зелен град, со повисок квалитет на живеење, тогаш во градот мора да се води политика за намалување на бројот на патувања со автомобили и промоција и поддршка на алтернативните видови на превоз.

– Меѓутоа, тоа може да се постигне само ако јавниот градски превоз нуди квалитетна услуга. Граѓаните треба да сфатат дека е подобар начин на движење низ градот, а не да бидат присилени да користат јавен градски превоз. Политиките на Зелен хуман град можат да бидат успешни сако ако се нудат квалитетни алтернативи – смета Крстаноски.

Тој нагласува дека треба да се продолжи и со втората линија и да се реорганизира и оптимизира целата мрежа на линии заедно со автобуските. Крстаноски вели дека ако споредуваме со денешната технологија, брзиот автобуски систем и брзиот трамвај нудат целосно иста услуга, но БРТ е со неколкукратно пониска цена.

– Порано главна забелешка на БРТ системот беше тоа дека автобусите со мотори со внатрешно согорување загадуваат и дека имаат мал капацитет. Меѓутоа денес, овие недостатоци се отстранети, бидејќи веќе има автобуси со еколошки горива и со еколошки мотори, а се појавуваат и двојно зглобни автобуси со должина од 24 до 27 метри кои можат да имаат капацитет да примат и до 270 патници во возило – заклучи Крстаноски.

Последната најава на скопскиот градоначалник Петре Шилегов е дека тендерот за изведба на прва фаза за „Бас рапид транзит“, ќе биде распишан до 15 септември. Во прва фаза се воспоставува коридор само за ултраеколошки автобуси – од Ѓорче Петров до Ново Лисиче со должина 12,8 км во една насока, со 21 станица.

Се очекува првата фаза од проектот да биде готова до крајот на 2024 година, додека во 2023 година би се спровела постапката за втората фаза, односно целиот систем би бил подготвен 2024-2025 година.

(А.П.)