На францускиот кошаркар Ким Тили му е дијагностициран рак на тестисите, соопшти неговиот сегашен клуб Шоле.
Според соопштението, тој ќе остане во тимот до 5 април и потоа ќе биде опериран. Сè уште не е познато колку долго ќе трае неговата рехабилитација и кога би можел да се врати на терените.
Инаку, во текот на својата кариера, Тили настапуваше за неколку евролигашки клуба, како Басконија (три години), Олимпијакос и Гран Канарија (по една сезона). Исто така, беше дел и од црногорскиот клуб Будуќност, тим за кој потпиша на почетокот од 2020 година, но не остана долго. Во текот на евролигашката авантура, тој бележеше во просек по 6,1 поен на 124 настапи.
Во тековната сезона, бранејќи ги боите на Шоле, во француската ЛНБ Про А-лига, има просек од 4,8 поени и 3,4 скока. Исто така, тој освои бронзен медал на Светското првенство во 2014 година во Шпанија, а воедно настапуваше и на Олимписките игри во 2016 година.
Инаку, со истиот здравствен проблем своевремено се соочија уште неколкумина спортисти, пред сè, фудбалери како Себастијан Але од Борусија Дортмунд. Оптимизам влева фактот што првотимецот на „милионерите“ и играчите на Атлетик Билбао и на Интер, Џерај Алварез и Франческо Ачерби, многу брзо заздравија и успешно им се вратија на обврските во своите клубови.