Брнабиќ: Членството во ЕУ е стратешка цел, важни и позитивните сигнали за другите земји во регионот

22

Членството во Европската унија е стратешка цел на Србија, изјави премиерката Ана Брнабиќ на онлајн самитот под назив „Нејзината моќ“ во организација од магазинот „Форин полиси“ и посочи дека е важно и другите земји од регионот да постигнат напредок во европскиот пат, јави дописникот на МИА од Белград.

Ана Брнабиќ истакна дека за стабилноста на регионот, од големо значење е Европската унија (ЕУ) да даде позитивен сигнал и за другите земји од Западен Балкан, особено за Северна Македонија и Албанија.

-Тоа е важно за стабилноста, интеграцијата на Западен Балкан е во интерес на ЕУ, на земјите од регионот, на сите нас, посочи Брнабиќ, пренесува РТС.

Коментирајќи го последниот извештај на Европската комисија за напредокот на Србија во евроинтеграциите, Брнабиќ изјави дека е препознаен напредокот на Србија во сите области.

-По неколку години Србија има толку позитивен извештај и препорака од Европската комисија за отворање два кластера, кажа Брнабиќ, додавајќи дека сега работат со секоја земја-членка поединечно бидејќи од нив зависи дали тие два кластера ќе бидат отворени на Меѓувладината конференција.

Брнабиќ истакна дека Србија продолжува со реформите, не само поради евроинтеграциите, туку и поради напредокот на целото општество во Србија.