Брнабиќ: Нова ера во економските и политички односи меѓу Србија и САД

17

Српската премиерка Ана Брнабиќ изјави дека е отворена нова ера во економските и политичките односи меѓу Србија и САД и, гледајќи во историјата, таа не може да се сети на толку блиски односи.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, таа посочи дека во разговорите, посебна област биле инфраструктурата, каде што е најголемиот проект „Автопат на мирот“ од Драч до Ниш, потоа гарантната шема за малите и средни претпријатија, сè што е поврзано со „Мини Шенген“, условите за развој на стопанството, инвестирањето од Меѓународната финансиска корпорација за развој на САД- ДФЦ во индустриски зони, земјоделството.

На прашањето дали се разговарало и за политички теми од договорот од Вашингтон, таа изјави дека најмногу се зборувало за економски точки, додавајќи дека подобриот економски живот на граѓаните може да овозможи дискутирање и за други прашања.

„Сега е на нас да покажеме колку сме подготвени побргу да имаме проекти и вистински идеи од нашите компании, изјави Брнабиќ, зборувајќи за соработката со Американската развојна финансиска корпорација (ДФЦ), која во вторникот отвори канцеларија во Белград, наведувајќи дека планираните планови опфаќаат повеќе милијарди долари. Претседателот на Стопанска комора на Србија (ПКС), Марко Чадеж, оцени дека аранжманот со американската агенција за развој ДФЦ не се само заеми, туку „добар дел од таа финансиска поддршка се и грантови“, а досега се одржани разговори со триесетина компании од Србија.