Британците стравуваат дека нема да можат да ги загреат домовите

94

Британците стравуваат дека нема да можат да ги загреат своите домови оваа зима, а голем дел од нив имаат потешкотии да ги платат сметките, покажува новото истражување кое го прикажува ефектот на зголемената инфлација врз општеството.

Месечната анкета на „Kantar Public“, покажува дека 39 отсто од луѓето имаат поголеми потешкотии со својот месечен буџет отколку пред една година, а седум од десет учесници стравуваат дека цената на свежата храна и горивото ќе пораснат во следните неколку месеци.

За девет процентни поени во периодот септември-октомври се зголеми и уделот на луѓето кои се загрижени дека нема да можат да си дозволат да си ги загреат домовите во текот на зимските месеци на 62 отсто.

Сметките за комунални услуги во Велика Британија пораснаа на почетокот на овој месец, откако цената за најкористените услуги се зголеми за околу 12 отсто.

Инфлацијата во земјата благо падна на 3,1 отсто во септември, но Банката на Англија соопшти дека најверојатно наскоро ќе ја премине границата од 4 отсто. Банката размислува кога да ги зголеми каматните стапки од нивното рекордно ниско ниво од 0,1 отсто.