Британските работодавци после пандемијата планираат помали канцеларии и работа од дома

12

Речиси половина од работодавачите во Велика Британија планираат да го намалат канцеларискиот простор и нема да ги вратат сите работници на работа во исто време, покажа истражувањето спроведено од агенцијата за вработување Роберт Волтерс, во време кога земјата постепено ги укинува мерките за изолација воведени поради пандемијата на коронавирусот.

Работата од дома почесто ќе се применува во пост-ковид светот, покажува истражувањето, со цел заштеда и ризици по здравјето.

Речиси 44 проценти од работодавците размислуваат да ги намалат канцелариите, а 49 проценти планираат да ги распоредат работниците кои се враќаат на работа да не работат во исто време, покажа истражувањето во кое биле опфатени 2.200 компании.

Вкупно три четвртини од работодавците во Велика Британија признале дека нивното повисоко раководство не било подготвено да ги води тимовите од далечина и оти ќе им треба обука за да се прилагодат.

Истражувањето исто така покажа дека 87 проценти од работниците сакаат повеќе можности да работат од дома по враќањето на работа, а 21 процент би сакале постојано да работат од дома.

Купувачите на недвижнини веќе покажуваат интерес за купување поголеми куќи со подобри услови за работа од дома и градини, соопшти градежната компанија „Редроу“.