Брзите и честите измени на законите влеваат несигурност кај компаниите и граѓаните

114

Честото менување на законските решенија и нивното носење по брза постапка и без консултации со бизнис секторот, оперативците и практичарите само ја стимулира сивата економија и ги прави веднаш неприменливи во праксата, а водено влева несигурност кај компаниите и кај граѓаните, порачуваат од Комората на сметководители при Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК).

Апелираат во иднина заедно да се носат квалитетни законски решенија за да нема потреба од импровизација при нивната примена. На тој начин, според нив, ќе има заштеди во домашната економија, компаниите ќе можат да го планираат својот развој, а истовремено ќе може да се намали и сивата економија.

-Законите во даночната сфера се менуваат многу често и најчесто по брза постапка и без консултации со стопанството. Токму таквите брзи промени во даночната регулатива го зголемуваат ризикот во работењето и го оневозможуваат ефективното даночно планирање на компаниите. Тие се пречка за водење на бизнисот и предизвикуваат несигурност со што го забавуваат растот на економијата, создаваат незадоволство кај граѓаните и директно влијаат на зголемување на сивата економија, рече претседателот на Комората на сметководители Драган Митковски на денешната прес-конференција во ССК.

Тој посочи дека голем товар за како што кажа, и онакака кревкото стопанство, ќе претставува стапувањето во сила на измените на Законот за придонеси за задолжително социјално осигурување од 1 јануари со кои придонесите растат за 0,5 отсто со што нивниот кумулативен раст од лани е еден отсто.

Благоја Грозданов од УО на Комората на сметководители појасни дека тоа во пракса ќе значи дека кај нето платата давачките ќе изнесуваат 50 отсто. Со измените, посочи, давачката за пензиско осигурување кај бруто платата од 18,4 отсто ќе се зголеми на 18,8 отсто, надоместокот за здравство од 7,4 на 7,5 отсто, а ставките во случај на невработеност и за дополнително здравствено осигурување и понатаму ќе останат 1,2 односно 0,5 отсто.

-На нето плата ефективниот трошок за давачки, придонеси и персонален данок мислам дека ќе биде 50 отсто. За некој да земе плата од 500 евра работодавачот ќе го чини 750 евра што е неосновано голем трошок за едно мало стопанство какво што сме ние. Таков товар се става на плеќите на малите и микро компаниите кои треба да се рбетот на економијата, а мислам дека се на маргините, рече Грозданов.

Им препорача на креаторите на економските политики во земјава да ги земат во предвид најавите од светски познатите експерти дека во 2020 година ќе има нова рецесија која се очекува да биде со помал размер од онаа во 2008 година.

-Сепак, треба да ја имаат во предвид оваа опасност и да се размислува во насока на мерки кои ќе го стабилизираат и јакнат приватниот сектор. Владата треба да го зголеми штедењето и да ги намали дефицитот на буџетот, непотребните јавни трошоци и задолжувањето во странство, како и да донесе мерки за ублажување на ценовниот удар и со индиректни мерки да им помогне на компаниите што имаат намален извоз, потенцира Грозданов.

Во земјава има 1.714 регистрирани фирми кои вршат сметководствена дејност и повеќе од 9.700 овластени сметководители. Од Комората на сметководители посочуваат дека сметководството треба да се подигне на многу повисоко ниво и бараат доследно да се применуваат законските решенија и само овластен сметководител да може да ги потпишува годишните финансиски извештаи.