Бочварски – Граф: Имаме одлични услови за инвестирање, ги повикувам сите заинтересирани германски компании да се вклучат во изградба на инфраструктурните проекти

27

Инфраструктурните проекти од делот на патната и железничката инфраструктура, гасификацијата како и економските потенцијали на земјата и отвореноста за влез на инвеститори од Германија, се дел од темите за кои денеска разговораа министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски со заменик-амбасадорот и раководител на одделот за економија на германската амбасада, Ото Граф во Министерството за транспорт.

-Денешната средба беше од огромно значење за да ги промовираме можностите за вложување и на двете земји, разговаравме и околу инвестицискиот циклус во делот на инфраструктурата. Имаме одлични услови за инвестирање, ги повикувам сите заинтересирани германски компании да вложат во нашата земја и да се вклучат во изградба на инфраструктурните проекти, истакна Бочварски.

Од Министерството за транспорт соопштија дека министерот Бочварски и заменик-амбасадорот Ото Граф најавиле заедничка заложба за продлабочување на билатералните односи и економската соработка меѓу Република Северна Македонија и Сојузна Република Германија.