Борусија од Дортмунд е најлудиот тим во Европа

163

Може слободно да се каже дека Борусија од Дортмунд го игра најубавиот фудбал за око кога се во прашање најквалитетните пет лиги во Европа.

Иако овој германски гигант со години се мачеше да се врати таму каде што беше под водство на Јурген Клоп, кога освојуваше титули во Бундес лигата и беше дел од финалниот натпревар во Лигата на шампиони, Борусија најпосле создаде тим кој го има потребниот потенцијал да се врати на самиот врв, пишува „givemesport.com“.

Освен тие на „жолто-црните“ и најверните фанови на англиската фудбалска репрезентација се воодушевени од формата на Џејдон Санчо кој може да биде главно оружје на „Гордиот Албион“ за време на ЕП 2020 година. Исто така, Борусија излезе како победник во трката по потписот на големиот норвешки талент, Ерлинг Халанд, кој на првите пет натпревари постигна дури 8 погодоци.

Ако на ова се додаде и капитенот Марко Ројс, херојот на Германија од СП 2014 – Марио Геце, Џулијан Брандт и Торган Азар, лесно ќе се заклучи дека Борусија има тим кој може да ги понижи и најдобрите одбрани во Европа.

За жал, Борусија и годинава има неколку сериозни проблеми, кои се на другиот дел од теренот. И покрај најдобриот напад во лигата, „милионерите“ од Дортмунд се третопласирани на табелата и имаат четири бода помалку од лидерот, тимот на Баерн (М).

Во 1/8-финалната рунда од Лигата на шампиони ќе играат против актуелниот шампион на Франција, тимот на ПСЖ, а тоа значи дека одбраната ќе се обиде да излезе како победник во дуелите против Мбапе, Неимар, Кавани и Икарди.

По пауза од неколку години се врати Матс Хумелс, а фактот дека Баерн (М) толку лесно се откажа од неговите услуги, кажува дека формата на дефанзивецот е во надолна линија.

На последните 15 натпревари беа постигнати вкупно 74 погодоци или во просек 4.93 погодоци по натпревар. Борусија постигна 44 или во просек 2.93 на натпревар, но прими 30 погодоци или во просек два гола на натпревар. Од сите натпревари најмногу ќе се памети триумфот над Интер од 3:2, победите над Фортуна Дизелдорф и Унион Берлин од 5:0 и лудата победа над Аугсбург од 5:3.

Од друга страна, Баерн (М) ја „размонтира“ Борусија со 5:0, а на домашен терен одигра само 3:3 со Падерборн и загуби од Вердер со 3:2. На навивачите на Борусија ќе им се врати секое вложено евро за билетот, но од друга страна, во изминатиот период сериозно ги потрошија своите нерви и ги уништија своите нокти.