Борис Џонсон победи во првиот круг на гласање за наследник на Меј

105

Борис Џонсон, кандидатот за нов лидер на ториевците, и најголемиот заговорник за излегување на Велика Британија од ЕУ (Брегзит), дојде чекор поблиску до водење на земјата откако по првиот круг на избори доби најголема поддршка од претставниците на Конзервативната партија за наследник на премиерката Тереза ​​Меј.

Три години откако Британците со 52 отсто гласови „за“ и 48 отсто „против“ одлучија да ја напуштат Европската унија, Велика Британија се движи кон можна криза околу Брегзит бидејќи поголемиот дел од кандидатите кои имаат амбиција да ја наследат Меј се подготвени да ја напуштат Европската унија и без договор.

Но, британскиот Парламент најави дека ќе се обиде да избегне таков излез, за кој инвеститорите предупредуваат дека би можел да доведе до потреси на финансиските пазари и глобалната економија.

Џонсон, поранешен министер за надворешни работи и градоначалник на Лондон во два мандата, во првиот круг ја доби поддршката на 114 пратставници од вкупно 313 конзервативци кои гласале.

Од останатите десет кандидати најуспешни беа актуелниот министер за надворешни работи Џереми Хант со 43, министерот за животна средина Мајкл Гоув со 37, односно Доминик Рааб, поранешен министер за Брегзит со 27 гласови.