Бомбаш-самоубиец се разнел пред турското МВР, повредени се двајца полицајци

372
Foto: EPA-EFE/NECATI SAVAS

Утрово, бомбаш-самоубиец активирал експлозивна направа во главниот град на Турција, Анкара. Вториот „терорист“ бил убиен во престрелка со полицијата, при што биле ранети двајца полицајци, наведе министерот за внатрешни работи, Али Јерликаја, во објава на социјалната платформа „Х“.

Турскиот министер Јерликаја соопшти дека експлозијата се случила околу 9:30 часот, по локално време, пред седиштето на Министерството за внатрешни работи.

-Околу 9 часот и 30 минути, по локално време, двајца терористи, кои со мало возило дојдоа пред влезот на Генералната дирекција за безбедност на МВР, извршија бомбашки напад. Еден од терористите се разнесе, а другиот е неутрализиран. При пукањето на отворено, двајца наши полицајци се полесно повредени. На нашите херои им посакувам брзо закрепнување, изјави турскиот министер Јерликаја.

По терористичкиот напад во Анкара, претседателот на Големото национално собрание на Турција, Нуман Куртулмуш, изјави дека храбро ќе ја продолжи борбата против тероризмот како и досега, пренесува „Анадолу.“

-Уште еднаш нагласуваме дека секогаш стоиме покрај нашите херојски безбедносни сили и институции кои решително се борат против терористите. Нашиот народ и земја нема да им дадат шанса на предавничките сили и ќе ја продолжат борбата во единство и солидарност, порача Куртулмуш на својот профил на социјалните мрежи.

Во областа каде што се случил нападот имало и неколку други министерства и турскиот парламент, кој денеска требаше повторно да биде отворен по летните одмори, со обраќање на претседателот Реџеп Таип Ердоган, пренесуваат турските медиуми.

Турскиот министер за правда, Јилмаз Тунч, го осуди терористичкиот напад и изјави дека Обвинителството во Анкара веднаш покренало истрага.

-Овие напади на никаков начин нема да ја спречат борбата на Турција против тероризмот. Нашата борба против тероризмот ќе продолжи уште порешително, рече Тунч.

Во главниот град на Турција, Анкара, досега имало неколку напади, особено во текот на 2015 и 2016 година, за кои напади одговорноста ја презеде забранетата сепаратистичка група Курдистанска работничка партија (ПКК) или групата Исламска држава.