Божествено дело е да ја ублажиш болката на човекот – мојата татковина е гевгелиската болница

Весникот ВЕЧЕР, во два наврата, пишуваше за животот на д-р Александар Сингер, легендата и доајенот на гевгелиското здравство, Тој е една од најинтересните личности која некогаш живеела во Гевгелија. Евреин по потекло. Епитетот доајен го заслужил зошто ги поставил темелите на модерното здравство во Гевгелија, а легенда зошто со своите дела на лекар, човек и хуманист се издигнал над сите други, по што ќе биде запаметен од повеќе генерации во сите населени места на Гевгелиско-валандовски регион. Иако не бил роден гевгеличанец, со своето полувековно живеење во Гевгелија луѓето го прифатиле како свој сограѓанин. Во Меморијалниот центар на холокаустот вчеравечер беше отворена изложба посветена токму на д-р Сингер, на првиот повоен лекар во Гевгелија, кој за себе во едно интервју ќе каже: Мојот принцип е Хипократовата заклетва. Божествено дело е да ја ублажиш болката на човекот. Мојата татковина  е – гевгелиската болница.

168

Во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, вчеравечер, во присуство на голем број граѓани, меѓу кои негови роднини, сограѓани, колеги и пријатели од „неговата татковина“ Гевгелија, беше отворена изложбата посветена токму на овој доктор, а насловена  „Д-р Александар Сингер – народен лекар“.

Изложбата е посветена на д-р Александар Сингер, првиот повоен лекар во Гевгелија кој за себе во едно интервју ќе каже  – Мојот принцип е Хипократовата заклетва. Божествено дело е да ја ублажиш болката на човекот. Мојата татковина е – гевгелиската болница.

Изложбата за отворена ја прогласи Жаклина Мучева, раководителот на секторот за образование на Фондот на холокаустот на Евреите во Македонија, воедно и куратор на изложбата:

„Оваа изложба е организирана благодарение на колекционерскиот ангажман на академскиот вајар Јордан Јанев-Дане. Д-р Сингер не бил женет, а неговото семејство, односно неговиот втор дом во Гевгелија е семејството на Васил Јанев, каде што тој го поминал поголемиот дел од животот. Васил имал три деца, а средниот од нив, познатиот вајар Дане Јанев, кој е „виновникот“ за вечерашнава изложба, ја презел грижата за докторот сè до неговата смрт. Тој го чувствувал Сингер како втор татко и ги сочувал сите негови лични предмети, фотографии и документи.  Затоа, најнапред им се заблагодарувам токму  на фамилијата Јаневи, кои широко ја отворија вратата на својот дом и дозволија најнапред да снимиме разговор со академскиот вајар Јордан Јанев-Дане. Откако го снимивме тој разговор, покрај другите и благодарение  на неговата внука Мери, мене ми беше сосема јасно дека во неговиот дом лежи цело едно богатство, кое е значајно пред сè за еврејската заедница во Македонија, а потоа и за целата македонска јавност.

Мучева се заблагодари и на тимот кој ја организираше изложбата, Сашо Андоновски, Маја Нансу, Дарко Хелман, Славица Ничота и Розалинда Трајкоска, а потоа го покани Јордан Јанев Дане да се обрати на присутните, меѓу кои беа и интернистот во пензија, д-р Митра Ичева, која била примена на работа во гевгелиската болница токму од доктор Сингер, режисерката Марија Џиџева, сопственикот на радиото „Антена 5“, Зоран Петров, археологот, ревизорот Ристо Котев, како и други жители на Гевгелија.

Академскиот вајар, Јордан-Дане Јанев, откако ѝ се заблагодари на Жаклина Мучева од Фондот на холокаустот на Евреите во Македонија, како и на весникот ВЕЧЕР, кој во неколку наврати пишуваше за доктор Сингер,  на можноста да се отвори   една ваква  импресивната изложба за првиот повоен лекар во Гевгелија, докторот Александар  Сингер,  мошне емотивно се обрати до присутните, споделувајќи некои свои сеќавања за неговиот „доко“

„Доктор Сингер го заслужува ова што денес го гледаме пред нас, целиот негов живот преку неговите лични предмети, фотографии и документи. За мене и моето семејство тој беше „Доко“. Во нашата куќа дојде во 1946 година и остана се до заминувањето од овој свет. Водеше грижа за нашето семејство исто како што тоа го правеа мојата мајка и мојот татко. Беше член на нашето семејство, дури и кога доби стан, неговата ординација беше во нашиот дом, ги славевме заедно и нашите и неговите, еврејски празници. Стануваше мошне рано, од 5 до 7 часот и ги подготвуваше  крвните слики на пациентите. Потоа влегуваше во чекалницата од ординација и беше толку голем дијагностичар, што на прв поглед проценуваше кој пациент прв да влезе, кој да дојде подоцна, а кој, доколку се работеше за полесна дијагноза, да отиде кај мојата мајка за да го излекува со оние традиционални народни лекарства.

„Доко“ многу сакаше јас да станам хирург, велеше дека имам „прецизни раце“ бидејќи уште како ученик во четврто одделение јас му „помагав“, во неговата работа, извршувајќи преврски на пациентите. Но, животот сакаше јас да ја изберам уметноста, а  благодарејќи токму на него и го завршив моето високо образование. Затоа, мојата голема  почит и љубов кон Сингер ја изразив со тоа што моите деца ги  крстив  Корнелија, по мајката на Сингер и Александар, како што се викаше докторот.

И, токму поради сето ова, заврши на крајот вајарот Дане Јанев, моја желба, а мислам и желба на сите гевгеличани е, бистата  на доктор Сингер,  која  ја направиме заедно со мојот син Александар, и која наскоро ќе ја излиеме во бронза,  да ја подариме на Општина Гевгелија, за да  биде поставена во дворот на Општата болница во Гевгелија.

Инаку, самата изложба  е поделена во четири целини: Биографија, Потстанар, Работа и Шах, каде преку фотографии, документи, лични предмети, меѓу кои највпечатливи се  медицинските апарати кои ги користел, картонскиот куфер со кој излегол од логорот Беркхорст, како и карикатурата  нацртана во логорот на која е тој, со својата голема љубов, Елизабета, .пред присутните  е распослан целокупниот живот на доктор Александар Сингер, кој наликува на сценарио за некој холивудски игран филм.

Доктор Сингер е роден е на 22 февруари 1914 година во Сента, Војводина. Потекнува од средно имотно еврејско семејство кое дошло од Унгарија во Војводина. На 27 години, како воен лекар, бил заробен од Германците во логорот „Дулак 206“ во Марибор, од каде што по два месеца е префрлен во „Одделот 10 Б“ во Зандбостел, дваесетина километри северозападно од Хамбург, а потоа во Боркхорст, во близина на холандската граница, каде што останува до крајот на војната. Благодарение на лекарскиот позив го преживува Холокаустот.

Во 1946 година побарал од Министерството за здравство на Хрватска да му одобрат да замине во Македонија каде имало потреба од лекарски кадар. Во Гевгелија го нарекуваат „народен лекар“. Тој ја искоренил маларијата во Гевгелиско-валандовскиот регион. Се пензионирал во 1983 година. Како активен шахист го основа и шаховскиот клуб во Гевгелија. Зборувал германски, француски, руски и унгарски јазик и имал најголема домашна библиотека од 5.000 книги. За своите залагања и заслуги, има добиено повеќе одликувања и медали за заслуги. Починал на 83 години, на 2 април 1996 година во Гевгелија.

Љубчо АЛЕКСОВСКИ