“2020 година ќе се памети по неочекуваните предизвици и искушенија со кои мораше да се соочи човештвото. Радува фактот дека и покрај ограничувањата поради пандемијата, фестивалот се одржува по петти пат. Целите на фестивалот, зачувувањето на моралните вредности, на духовната култура и на идеалите на хуманизмот се исклучително значајни за современото општество. Настаните како овој фестивал не поттикнуваат да размислуваме за темелните принципи врз кои треба да се градат односите меѓу луѓето, но и помеѓу државите“, истакна на отварањето на фестивалот Н.Е. Сергеј Баздникин, амбасадор на Руската Федерација

 

На отворено, пред Кинотека на Р.С. Македонија во Скопје, завчеравечер на христијанскиот празник “Рождество на Пресвета Богородица“, започна петтиот меѓународен филмски фестивал за духовни и хумани вредности “Богородичен покров”, на кој до 24 септември ќе бидат прикажани десет филмови од пет држави. Овој фестивал, кој е во организација на Top World – ТВ и филмска продукција од Скопје, како што потенцира Ѓоко Ѓорѓевски декан на Богословски факултет “Св. Климент Охридски” –Скопје и член на програмскиот совет, не престанува да го привлекува и задржува интересот на публиката.

“Фестивалот го претставуваат филмови кои го скокоткаат умот, го милуваат срцето и ја збогатуваат душата, филмови кои содржат силни пораки за автентични вредности и видувања, и за смислата на животот“, истакна меѓудругото Ѓорѓевски на отварањето на фестивалот кој е единствен од ваков жанр во нашата земја. Годинава во рамките на неговата програма, која пред присутните ја претстави Зорица Костовска, ТВ и филмски продуцент и теолог и еден од основачите на фестивалот, се прикажуваат филмови од Русија, Чешка, Романија, Унгарија и Франција. Фестивалот беше отворен токму со проекцијата на рускиот филм “Благодатна утеха“ кој зборува за Свето-Троицка Сергиева Лавра, еден од најголемите христијански  центри во Русија и во светот и светско културно наследство на УНЕСКО.

“2020 година ќе се памети по неочекуваните предизвици и искушенија со кои мораше да се соочи човештвото. Радува фактот дека и покрај ограничувањата поради пандемијата, фестивалот се одржува по петти пат. Целите на фестивалот, зачувувањето на моралните вредности, на духовната култура и на идеалите на хуманизмот се исклучително значајни за современото општество. Настаните како овој фестивал не поттикнуваат да размислуваме за темелните принципи врз кои треба да се градат односите меѓу луѓето, но и помеѓу државите. Насилството, непријателството и нетолеранцијата предизвикуваат неприфаќање и отфрлање. Откажувањето од штетните ставови, обединувањето за надминување на глобалните предизвици и закани, напротив, придонесуваат за стабилност и безбедност, како и благосостојба на идните генерации“, истакна на отварањето на фестивалот Н.Е. Сергеј Баздникин, амбасадор на Руската Федерација.

Првата вечер е прикажан и унгарскиот документарец “Зошто на сите им солзат очите во Чикшомљуи?“, кој зборува за традиција стара 454 години…

“Годината што изминува беше тешка за сите поради страшната пандемија, има многу повеќе неизвесности за иднината, отколку во претходната деценија. Многу луѓе се грижат, дали ќе се разболат, стравуваат за своите сакани, или дали ќе останат без работа. Младите страдаат од недостаток на нормалното образование и одржувањето на контакт со најблиските. Затоа во овие тешки времиња станува уште поважно да се фокусираме на духовните вредности што му пружиле утеха на човештвото “, порача Н.Е. Ласло Иштаван, амбасадор на Унгарија.

Во рамките на музичката програма се претставија ансамблот “Мелизма“, под диригентската палка на Марија Андонова, и претставници на групата Синтезис, а во присуство на гости, меѓу кои и претставници на дипломатскиот кор во државата, доделени се и дипломи за духовни  вредности.

“Духовноста, моралот, етиката, чесноста, искреноста, хуманоста, семејните вредности, вредносниот систем и критериуми, се воздухот и водата на еден народ. Доколку духовните вредности не се поддржуваат во една држава, тогаш таа може да остане постепено без голем дел од својот народ… “, порача од фестивалот до светот, Зорица Костовска. Таа исто така посочи дека се планира овој фестивал да прерасне во мултимедијален проект во кој ке има простор за сите уметности,  и за музички, духовни манифестации, едукативни програми, издаваштво, изложби на слики и фотографии, сите од аспект на духовни и хумани вредности.

Инаку, вечерва, вториот ден од фестивалот ќе бидат прикажани документарците “Јан Амос Коменски„ (Чешка, 19 ч.), “Свети Вацлав и заштита на чешката земја (19.15) и во 20.30 часот “Манастирите на Европа – сведоци на невидливото“ (Франција).

Документарните филмови “Елизавета Фјодоровна – прв и втор дел“ (Русија, 19 ч) и “Манастир Сурпателе“ (Романија, 21 ч) се на репертпоарот на 23 септември. Последниот ден од фестивалот ќе бидат прикажани играниот филм “На брегот на мечтата“ (Русија, 19ч) и документарецот “Манастир Брадул“ (Романија 21 ч).

Влезот на фестивалот е слободен.  (Д.Т.)