Богоев: За зонско паркирање во Карпош може да решат само граѓаните!

167

Дали ќе се воведе зонско паркирање во Карпош 1 и 2, ќе одлучат граѓаните. Градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев најави дека од наредната недела ќе почнат со теренска анкета од врата до врата со цел граѓаните да се изјаснат дали се за регулиран паркинг на нивна територија.

– Оваа анкета ја распишувам имајќи предвид дека лани пристигнаа потписи од 350 станбени единици да се воведе зонско паркирање. Тоа е мала бројка да се воведе, но е доволна да се покрене јавна анкета. Доколку граѓаните се изјаснат дека се ЗА, тоа значи дека ЈП„Градски паркинг“ може во Карпош 1 и 2 да ја воведе зоната „Д“ што подразбира 0 денари за граѓаните со живеалиште во овие населби, додека за другите ќе се наплатува – истакна Богоев.

Инаку, жителите на Карпош 1 и 2, а особено оние кои живеат кај Млечен ресторан се жалат дека не можат да паркираат од возилата однадвор кои секојдневно им ги узурпираат местата.

– Бидејќи улицата „Рузвелтова“ е административната граница меѓу општините Карпош и Центар, таа е и граница меѓу платен и бесплатен паркинг. И нормално, граѓаните си паркираат таму каде е беслатно – вели Богоев.

Инаку, ЈП„Градски паркинг“ уште со програмата за 2018 година планираше да го прошири зонското паркирање и во Кисела Вода, Карпош и Автокоманда, но тоа наиде на бурни реакции кај граѓаните. Локалните власти ја смирија топката, со тоа што излегоа со тврдења дека зонско паркирање на нивна територија ќе се воведе само доколку граѓаните го побараат тоа.

(С.Бл.) – Фото: Н.Б.