Македонскиот пијанист Бобан Мирковски и оркестар вечерва (14 август) на сцената „Долни Сарај“ во Охрид со почеток од 22 часот, премиерно ќе го изведат делото „Атараксија“. Со оркестарот ќе диригира маестро Љупчо Мирковски кој е и композитор.

„Атараксија“ е модерна, поп–симфонија во 4 става напишана за пијано и симфониски оркестар. Тоа дело на Љупчо Мирковски е спој на целокупупното негово творештво кое опфаќа музика за оркестар, соло инструменти, од театарски претстави, филмска музика, џинглови, детска и поп музика, како и народна, сериозна и џез музика. „Атараксија“ претставува спој на повеќе музички жанрови кои ја покажуваат целата
музичка префинетост на композиторот, со лесно прифатлива мелодиска линија и прогресивна хармонија каде на многу вешт начин ги користи сите инструменти.

Оваа поп – симфонија покрај различните жанрови, следи и повеќе музички трендови кои се менуваат со текот на годините. Едноставно кажано, „Атараксија“ е 50-минутно музичко парче за уживање, лесно прифатливо за сечие уво.

Во рамки на концертот ќе биде изведена и маестралната „Рапосодија во
сино“ на Гершвин.