Блинкен го обвини Трамп за соработка со талибанците

24

Американскиот државен секретар, Ентони Блинкен ги отфрли критиките за повлекување на американските војници од Авганистан на бурното собрание на Конгресот пред Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом, за време на кое најмалку двајца републиканци го повикаа да поднесе оставка.

За време на петчасовното сослушување помеѓу Блинкен и некои пратеници, американскиот државен секретар ја бранеше одлуката на претседателот Џозеф Бајден да ги повлече американските војници од Авганистан, ги отфрли обвинувањата дека Стејт департментот требало да биде поангажиран и да помогне во евакуацијата и ја обвини претходната администрација дека немала план, според извештајот на Ројтерс.

Тој повтори дека поранешниот американски претседател, републиканецот Доналд Трамп, преговарал со Талибанците и постигнал договор за повлекување, нагласувајќи дека администрацијата на Бајден не може да се вклучи во нови преговори, бидејќи Талибанците се закануваат дека ќе продолжат да убиваат Американци.

– Нема докази дека подолго задржување би ги направил авганистанските безбедносни сили или авганистанската влада поотпорни или самоодржливи. Ние го наследивме рокот, но не наследивме план – истакна Блинкен, повикувајќи се на договорот на администрацијата на Трамп сите американски сили да се повлечат од Авганистан до 1 мај.

Членовите на Конгресот – демократите на Бајден, како и опозициските републиканци – се обврзаа дека ќе го истражат турбулентниот период по минатомесечното преземање на Авганистан од страна на талибанците.