„Блек фрајдеј” попусти само на дел од производите, а на останатите само прелепени цени

И оваа година трговците се служат со маркетиншки трикови и објавуваат попусти на сите производи, а намалени се само неколку артикли. Голем дел од граѓаните се разочарани, бидејќи и покрај попустите, тешко може да се најде производ со намалена цена од 70 отсто. Попустите за новите колекции на брендови за мода, очила, техника, компјутерска опрема, домаќинство, покуќнина, козметика и друго се само 10-20 отсто, а поголеми попусти има за старата колекција, која не е многу атрактивна за потрошувачите.

274

Деновиве, продавниците низ градот и социјалните мрежи се преплавени со попусти за „блек фрајдеј”. Компаниите нудат попусти и до -70 отсто, кои важат цела недела, но, всушност, тоа не е баш така. И оваа година трговците се служат со маркетиншки трикови и објавуваат попусти на сите производи, а намалени се само неколку артикли. Голем дел од граѓаните се разочарани, бидејќи и покрај попустите, тешко може да се најде производ со намалена цена од 70 отсто. Секако дека има исклучоци, но тие се ретки, односно реални попусти може да се најдат само во неколку продавници низ градот. Попустите за новите колекции на брендирана гардероба, очила, техника, компјутерска опрема, домаќинство, покуќнина, козметика и друго се само 10-20 отсто, а поголеми попусти има на старите колекции.

Граѓаните реагираа дека и изминатите години попустите биле лажни и оти трговците ги прелепувале цените, при што кај некои производи првичните цени биле пониски од оние намалените. Ова го потврдуваат и од Организацијата на потрошувачи, од каде што велат дека трговците често прават маркетиншки трикови за „блек фрајдеј“.

– Во изминатите години често се ставаше само процентот на намалувањето и потрошувачите не знаат која била претходната цена. Често се случува во некои продавници да има попуст од 70 отсто, и само неколку парчиња да бидат со тој попуст, но не и сите производи. И покрај тоа што има попусти за „блек фрајдеј“, сепак, тие не се толку високи како во САД и во Европа – велат од Организацијата на потрошувачи на Македонија.

Од ОПМ апелираат до потрошувачите да внимаваат на лажните попусти и да истражат дали во одредена продавница има вистински попуст или се работи за маркетиншки трик на трговците. Потрошувачите најдобро ќе знаат дали има одреден попуст доколку ја знаеле претходната цена на производот.

Претседателката на ОПМ, Маријана Лончар-Велкова, за ВЕЧЕР вели дека на производот не смее да има повеќе од две цени, а последното намалување да биде пред 30 дена.

– Според Законот за заштита на потрошувачите, не може да има повеќе пречкртани цени доколку попустот почнал од јануари, туку само две цени. Освен намалената цена, може да стои и намалувањето во проценти. Како претходна цена се смета цената на производот што ја применувал трговецот 30 дена пред почнувањето на попустот – вели Лончар-Велкова.

Таа појаснува дека доколку се работи за распродажба, трговецот мора физички да ги одвои производите што се ставени на распродажба од оние производи што не се на распродажба и јасно и на видно место да истакне натпис дека се работи за распродажба.

Во Законот за потрошувачи на Македонија стои дека означувањата што упатуваат на намалување на цените, независно од тоа дали намалувањето е изразено во износ или во процент, треба да бидат реални и вистинити. Намалувањата мора да бидат изразени со наведување на новата цена покрај видливо прецртаната претходна цена, со наведување на зборовите „нова цена“ и „стара цена“, со наведување на процентот на намалување на цената и наведување на новата цена покрај видливо прецртаната претходна цена, со наведување на процентот на одобреното намалување за секој одделен производ или услуга.

И на Интернет се појавуваат големи попусти и до 60 отсто, но доколку се упатите во делот на онлајн-нарачките, попустите воопшто не се вкалкулирани. Одредени компании ги нудат овие попусти само во своите продажни салони, а таму артиклите што се достапни онлајн, ги нема.

Граѓаните се револтирани бидејќи продавниците  користат разни трикови за да ги привлечат да купат одреден производ, а сметката на касата не се намалува, туку честопати e повисока. Тие ја зголемуваат цената на производот пред да го намалат, a високите попусти кои не примамуваат најчесто се всушност редовната цена на тој производ. Имено, продавачите ја зголемуваат цената на производот неколку дена пред попустот, а потоа како попуст ја прикажуваат редовната цена.

(А.С.)