Како што потсети секретарот на Културниот и едукативен центар „Небрегово“, Атанас Конески,на промоцијата на книгата „Конески е бесмртен“, за Блаже Конески, Горан Стефановски рекол: „Те имавме како единица мерка на животот, сега си ни мерка за бесмртноста“. „Книгата ‘Конески е бесмртен’ претставува богата збирка од разнородни трудови, на коишто заедничка точка им е мотивираноста од обемното дело на Блаже Конески. Конески, преку својот интимен поетски израз, преку својот личен однос кон македонскиот јазик, всушност обединува“, истакна, пак, рецензентката Весна Костовска
„Блаже Конески колку повеќе се оддалечува со неговото физичко заминување, толку повеќе ни се приближува со неговата духовна големина, со неговото епохално дело. Затоа Блаже Конески е бесмртен, а славата на бесмртните е бесконечна, ним треба секогаш да им се оддолжуваме“, рече Атанас Конески, секретар на Културниот и едукативен центар „Небрегово“ на промоцијата на книгата „Конески е бесмртен“ што се одржа денес во спомен-домот „Блаже Конески“ во Небрегово.
Како што потсети Атанас Конески на промоцијата, за Блаже Конески, Горан Стефановски рекол: „Те имавме како единица мерка на животот, сега си ни мерка за бесмртноста“. „Таа аксиома е непресушен извор дека Конески е бесмртен што е и основен мотив содржан во насловот на 17. книга во издание на КЕЦ Небрегово. Ова е уште една непобитна вистина дека спомен-домот ‘Блаже Конески’ во неговото родно место Небрегово станува култно и едукативно место за нашата национална култура и треба да биде програмска определба во работењето на Владата, Министерството за образование и наука, Министерството за култура и туризам и локалната самоуправа во Прилеп и во Долнени. Затоа ја истакнуваме суштинската потреба за редовни, програмирани и организирани посети на домашни и странски делегации на ученици, студенти и наставници за непосредно и изворно запознавање со ликот и делото на Блаже Конески, со што овие манифестации стануваат трајно обележје во културата на нашата држава“, посочи Атанас Конески.
На промоцијата, за книгата говореа рецензентите Маја Јакимовска-Тошиќ и Весна Костовска.
„Книгата ‘Конески е бесмртен’, приредена од КЕЦ Небрегово, во годината (н.з. 2023) кога се чествуваат триесет години од неговото физичко заминување, уште еднаш ја потврдува неопходноста кон одново навраќање на творештвото на нашиот великан Блаже Конески, бидејќи неговиот творечки испис најсуштински го долови битот на македонскиот народ, а неговото творештво нè задолжи како негови потомци да го негуваме неговото фундаментално дело, функционално втемелено во сите сегменти на општествениот и културниот живот во Македонија. На овие согледби се надоврзуваат ставовите на приредувачите (А. Конески, В. Мојсова-Чепишевска, М. Каранфиловски, Ж. Цветковски) и на авторите во изданието во однос на македонскиот книжевен и културен развој сврзан со творештвото на Блаже Конески, согледан како неотуѓив дел од поимањата за културноисторискиот идентитет на Македонците низ вековниот период на опстојување. Неговиот книжевен завет претставува творечко кореспондирање со сликите и јазикот на колективната меморија“, посочи Маја Јакимовска-Тошиќ.
Како што додаде, пак, Весна Костовска, книгата „Конески е бесмртен“ претставува богата збирка од разнородни трудови, на коишто заедничка точка им е мотивираноста од обемното дело на Блаже Конески. „Научните трудови во оваа книга опфаќаат лингвистички и книжевни теми, и претставуваат видувања коишто се значајни за континуитетот на мозаикот што треба да се вклопува во натамошниот развој на јазикот. И овие научни сознанија се она што Конески им го завешта на идните генерации – грижа и свесност за сопствениот јазик. Другите прозни трудови во оваа книга се одгласи, размислувања, реакции на ликот и делото што содржат и емотивни нишки. Овие индивидуални мисли се слеваат во колективното чувство на припадност кон јазикот. Конески, преку својот интимен поетски израз, преку својот личен однос кон македонскиот јазик, всушност обединува. Така, и во оваа книга се обединети личните размисли во колективната сфера на заедничкиот јазик“, истакна Костовска.
На промоцијата беше актуализирано и прашањето за доделување на државната награда „Блаже Конески“, а се побара и поголема конкретна поддршка за активностите на КЕЦ „Небрегово“ од Министерството за култура и туризам, од МОН и од општините Прилеп и Долнени.
Инаку, Фондацијата, односно КЕЦ „Небрегово“, во изминативе 23 години посебно тежиште даде на издавачката дејност, промотивните настани на нејзините изданија и развој на културниот туризам. Во едицијата „Македонски збор“ досега се издадени 7 книги, во кои се застапени 249 автори на 1.750 страници. Во едицијата „Поттикот Конески“ се издадени 10 книги во кои се објавени 8 тематски изданија и 2 зборника со поетски творби од ученици, студенти и професори, во кои се застапени 344 автори на 650 страници.
По промоцијата на книгата, следуваше доделувањето на наградата „Зборот на Конески“ на лица или институции, кои значајно придонеле за зачувување и промоција на македонскиот јазик, култура и наследство. Наградите ги врачи Живко Цветковски, претседател на КЕЦ „Небрегово“.
Инаку, КЕЦ „Небрегово“, распиша нов конкурс, сега на тема „80 години Азбука и Правопис на македонскиот стандарден јазик“. Право на учество имаат автори од сите генерации со по еден текст, а текстовите треба да се напишани на македонски литературен јазик (кирилица) и лекторирани, во обем до 16 страници, новинарски проред и треба да се испраќаат на мејл: 80godiniazbukaipravopis@gmail.com најдоцна до 30.9.2024. Текстовите ќе бидат објавени во посебен Зборник, којшто ќе биде промовиран традиционално на 6.9.2025 во Спомен-домот „Блаже Конески“ во Небрегово, при што ќе биде доделена наградата „Зборот на Конески“. (Н.И.Т.)